САД ни честитаат за ЕУ: Реформите секако мора да продолжат, независно од преговорите

Владеењето на правото, подобрувањето на одговорното владеење, како и реформите во судството, разузнавачките служби и јавната администрација, се важни прашања кои мора да се решат независно од процесот на пристапување во ЕУ, порачуваат од Стејт департментот.

171

Американскиот Стејт департмент ја поздрави одлуката на Советот на ЕУ да предложи план за отворање пристапни преговори со Македонија и Албанија во јуни 2019 година и уште еднаш ја потврдува важноста на постигнатиот Договор со Грција.

Во соопштението за МИА од Стејт департментот се наведува дека планот на ЕУ зависи од натамошниот прогрес во одредени области.

– Одлуката на Советот ги нагласува силните напори што двете земји ги направија во имплементација на реформите за усогласување на нивните закони со стандардите на ЕУ – истакнуваат од Стејт департментот.

Понатаму се укажува дека како пријател и партнер на Македонија, САД и помага на македонската Влада за успех во евро-атлантските интеграции на земјата.

– Ова вклучува владеење на правото, подобрување на одговорното владеење, како и реформи во судството, разузнавачките служби и јавната администрација. Ова се важни прашања кои мора да се решат независно од процесот на пристапување во ЕУ – посочуваат од американскиот Стејт департмент.

САД, исто така, го поздравуваат „историскиот договор за решавање на прашањето за името“. Се нагласува дека овој договор ја зајакнува регионалната безбедност, просперитетот и заедничката европска иднина на двете земји.

– Премиерите Заев и Ципрас демонстрираа визија, храброст и непоколоебливост во стремежот за заеднички прифатливо решение – изјавија за МИА од Стејт департментот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...