Амбасадата на САД во Косово денеска упати критики кон косовскиот правен систем, забележувајќи дека до сега никој не одговарал за, како што наведува, очигледните случаи на корупција и организиран криминал, јави дописникот на МИА од Приштина.
Во соопштението на Американската амбасада се споменуваат поименично неколку големи коруптивни афери, како „Пронто“, во која се обвинети десетина актуелни високи функционери за незаконски вработувања и други злоупотреби на службената должност, потоа обвиненијата за политичари кои земале поткуп за обезбедување италијански визи, за бегствата од затворот во Дубрава и други случаи.
Дипломатското претставништво на САД во Приштина порача дека „косовските граѓани заслужуваат правен систем пред кој личностите ќе одговараат за нивните коруптивни активности“ и најави дека политичарите вмешани во поголемите афери не ќе можат да добијат американски визи.
– Пракса на конзуларните служби е да ги разгледуваат фактите за секоја апликација за виза, вклучително секоја негативна информација во врска со апликантот и да ја одредат заснованоста на барањето за добивање виза, врз основа на законите на САД. По потреба, ние секогаш ги оценуваме обвиненијата и доказите за корупција и организиран криминал при одлучувањето за давање виза, со цел да ги ограничиме лицата што придонесуваат за овие проблеми од добивањето виза за патување во Соединетите Држави – се вели во соопштението.
Амбасадата на САД порачува дека и во иднина ќе ја изнесува јавно својата „загриженост зошто никој не сноси одговорност, вклучително службените лица во Косово, за корупцијата и организираниот криминал, кои се очигледно присутни во земјата“.