САД ги поздравуваат резултатите од референдумот во Македонија на 30-ти септември, на кој граѓаните изразија поддршка за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на Договорот од Преспа меѓу Македонија и Грција, соопшти синоќа Стејт департментот.
„САД силно ја поддржуваат целосната имплементација на Договорот од Преспа, кој ѝ овозможува на Македонија да го заземе заслуженото место во НАТО и во ЕУ, и ќе придонесе кон регионалната стабилност, безбедност и просперитет. Во периодот што следи кога македонското Собрание ќе почне расправа за уставните измени, ги повикуваме лидерите да се издигнат над партиската политика и да не ја испуштат историската можност да обезбедат светла иднина за земјата, како полноправна членка во западните институции“, се наведува во соопштението од Стејт департментот, по одржувањето на референдумот во Македонија.