Државен непријател или новинар – активист за транспарентност на супер силата САД. Стејт департментот го бара за да му се суди, Белата куќа на американскиот претседател Доналд Трамп молчи, а либералната јавност и главните американски медиуми го заштитуваат.
Одиумот и судбината на основачот на „Викилис“, Џулијан Асанж. стануваат закана за нов политички раскол во САД. Минатата недела тој беше насилно исфрлен од Амбасадата на Еквадор во Лондон и сега е во затворот „Белмарш“, од многумина наречен „англиски Гвантанамо“, каде очекува судска одлука.
Веднаш по апсењето од лондонската полиција, властите во Вашингтон започнаа активна процедура за негова екстрадиција, обвинувајќи го за заговор и хакирање на компјутерските сервери на Пентагон. Според властите, основачот на „Викиликс“ му помогнал на армискиот службеник Бредли Манинг, кој во меѓувреме изврши операција за промена на полот и стана Челзи Манинг, да ја пробие лозинката за влез во владините сервери.
Во интервју за Си-Ен-Ен американскиот потпретседателот Мајк Пенс повика Асанж да му биде предаден на Вашингтон со објаснување дека тој и Викиликс работеле како „парадржавна непријателска разузнавачка организација, чии активности се поттикнати од такви држави како Русија“.
Според Пенс, Асанж учествувал во најголемата кампања за обелоденување на доверливи информации во историјата на САД, со што под закана биле ставени службеници на американската армија.
– Токму поради ова Министерството за правда работи да издејствува негова екстрадиција, тврди Пенс.
Претседателот Трамп пак не е „ни на небо, ни на земја“. Тој за време на предизборната кампања во 2016 година застана во заштита на Асанж, а „Викиликс“ ги нарече „вистинска скривница со богатство“.
Но, Трамп не може долго да молчи ако Австралиецот биде екстрадиран во САД и мора да претстави нов опис за ликот и делото на човекот кој пред две и пол години фактички му помогна да ги добие изборите и да стане претседател.
Имено тогаш, во екот на кампањата, „Викиликс“ со помош на руски служби – како што покажа истрагата на специјалниот обвинител Роберт Малер – објави хакирани електронски пораки на соперничката на Трамп, Хилари Клинтон, кои сериозно ја поткопаа репутацијата на Демократската партија, а рејтингот на Клинтон се намали, шоа најверојатно беше еден од факторите за нејзиниот пораз на изборите. На митинг во Флорида Трамп тогаш рече дека објавите на „Викиликс“ се едноставно „неверојатни“, а во Мичиген ги нарече „вистинска скривница со богатство“.
Сега, од друга страна, весниците како „Њујорк Тајмс“ и „Вашингтон Пост“ застанаа на страната на Асанж и праќаат порака дека процесот против него ќе биде кршење на Првиот амандман од Уставот на САД, кој гарантира слобода на словото. Според либералната јавност, доколку тој биде суден, на истото место можат да се најдат и сите други весници што објавуваа материјали на „Викиликс“.
Порака за поддршка испрати и познатиот американски режисер Оливер Стоун.
– Џулијан Асанж ја објавува вистината. Тој направи голема работа во име на човештвото без разлика што го третираат нечовечки, напиша Стоун на Твитер, оценувајќи дека неговиот ангажманот „е крајно значаен за заштита на нашето право да знаеме“.
Извесно е дека седумгодишната сага со Асанж, колку што тој помина во азил во Амбасадата на Еквадор во Лондон, ќе заврши со негова екстрадиција во САД. Засега, ова е еден од ретките случаи кога позициите на републиканската Администрација се совпаѓаат со оние на нивните демократски противници.
– Тој треба да одговара за тоа што го стори, барем за тоа што е обвинет. Мислам дека има иронија во сето ова – тој е единствениот странец кој за оваа Администрација е добредојден во САД, цинично забележа викендов Хилари Клинтон.