Садикоски ќе испрати инспектор во Форино, но бара поголеми надлежности за да се почитуваат законите

377

Директорот на основното училиште во гостиварското село Форино на кое таблата со називот на училитето е испишана само на албански јазик четири години тера самоволие и никој досега не се нашол да го казни поради непочитување на законот.

Мерки не презеле ниту во општината Гостивар, ниту во Државниот инспекторат за локална самоуправа каде што велат дека немало поднесено преставка за незаконското постапување, настрана што еден од државните инспектори кој е токму од Форино, а кого го контактиравме во минатата недела, дури тврдеше дека нема еднојазична табла во училиштето и покрај признанието, но и фотографијата што ја објави градоначалникот Таравари на Фејсбук, а на која јасно се гледа прекршувањето на Законот за употреба на јазиците.

Членовите 40 и 41 од овој закон се недвосмислени кога велат дека имињата на плоштадите, улиците, инфраструктурните објекти се пишуваат на македонски јазик и на јазикот и писмото што ги користат најмалку 20 отсто од граѓаните во таа општина.

Директорот на Државниот инспекторат за локална самоуправа Сеад Садикоски за Плусинфо вели дека ќе наложи инспекциски надзор во гостиварското училиште, после кој ќе се знае врз основа на какви акти се должи постапувањето на училишното раководство, кое ќе треба да го санкционира локалната власт.

Инспекцискиот увид ќе се случи по завршување на годишниот одмор на еден од двајцата инспектори кој не е од Форино, за да се избегне каков било конфликт на интерес.

Гостиварскиот градоначалник Арбен Таравари дури откако се крена врева во јавноста  минатата недела рече дека нарачал нова двојазична табла на македонски и на албански јазик и дека наскоро ќе биде сменета, но не кажа ни збор за тоа кој ќе биде казнет поради непочитување на Законот за употреба на јазиците.

Таравари вети дека ќе го исправи незаконското поставување табли и на други институции и училишта во општината Гостивар, без да одговри зошто досега го толерирал ваквото прекршување на законот кое тврди дека го направил поранешниот градоначалник Невзат Бејта.

Јасно е дека, и во овој случај на непочитување на Законот за употреба на јазиците, јавноста иницира да се прземат мерки, наспроти молкот кај надлежните институции. Решението на проблемот како што истакнува актуелниот директор на државниот инспекторат Садиковски треба да се бара во проширување на надлежности на инспекторите кои и кога ќе излезат на терен им се врзани рацете, затоа што ако нема одлука врз основа на која е поставена еднојазичната табла во основното училиште, практично тие не можат да изречат конкретна мерка и во тој случај на потег е општината. Ако, пак општината не реагира, тогаш проблемот останува затоа што државниот инспекторат нема ингиренции да постапува понатаму. Оттаму, Садиковски повикува да се преземат чекори со кои ќе им се овозможи на инспекторите непречено да ги спроведуваат законите.

Основното училиште во Форино било изградено пред четири години и тогаш е поставена еднојазичната табла за која никој не реагирал – да не беше фотографијата на градоначалникот Таравари, направена при неговата неодамнешна посета на селото каде што отвори нова градинки, немаше ни да бидат преземени мерки, иако Таравари призна дека и во други училишта во Гостивар има еднојазични табли кои се нафати дека ќе ги смени.  

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...