Рѓосаа резервоарите од кои парните локомотиви „пиеле“ вода (ГАЛЕРИЈА)

626

Покрај повеќе од деведесет години стариот саат на железничката станица во Велес има уште еден раритет. Германски стручњаци во 1915 година за полнење на парните локомотиви изградиле голем резервоар, пумпа и систем за полнење на резервоарите со вода од реката Вардар. Преку овој систем парните локомотиви со вода се полнеле пред и за време на Првата светска војна, за владеењето на стара Југославија (СХС), потоа за бугарско и за време на СФРЈ, сѐ до 1972 година, кога парните биле заменети со дизел локомотиви.

– Парните локомотиви имаа потреба од поголемо количество вода. Со изградбата на железничките линии кон Штип и Прилеп-Битола, Велес со дотогашните линии кон Скопје и Гевгелија, стана центар на железничкиот сообраќај во овој дел на Балканот. Возовите беа единствени превозни средства како за патници, така и за стока. За дваесет и четири часа низ Велес поминуваа од седумдесет до сто патнички и товарни возови кои превезуваа луѓе и стока за Скопје, Белград, Будимпешта, Загреб, Виена, Минхен, Париз и на југ за Солун и Истанбул. Од овој систем, кој беше меѓу најголемите, парните локомотиви се полнеа со вода – рече машиновозачот Борис Колев.

По „заминувањето во пензија“ на парните локомотиви, нивното место го зедоа американските дизелки „Кенеди“ за кои не била потребна вода. Резервоарот, системот за нивно полнење со вода од Вардар и двете пумпи, сместени меѓу колосеците, повеќе не биле потребни. Вработените од железничката станица во Велес ги одржувале сѐ до деведесеттите години на минатиот век. Денес се зачувани двата резервоара и една пумпа. Не се во најдобра состојба, но се тука и стојат како неми сведоци. Најнапред, како што ни рекоа од железничката станица, како старо железо бил украден системот од цевки и пумпи што со вода од Вардар се полнеле резервоарите, а подоцна „кренале раце“ и од резервоарите и пумпата кои денес се оставени на забот на времето.

– Требаше да бидеме подобри домаќини. Требаше и за резервоарите и за пумпите и за целиот систем подобро да се грижиме. Додека бевме ние постарите ги чувавме. Ги чистевме. Дојдоа помлади и го заборавија не само целиот систем од кои возовите, за да можат да се движат, „пиеја“ вода, туку го заборавија и стариот систем за вртење на локомотивите од еден во друг правец. Ја заборавија историјата и одговорните од Македонски железници. И тие сајбии не се најдоа. Заборавија дека возовите одат од 1873 година и дека сето тоа е наша македонска историја – ни рече еден пензиониран машиновозач.

Голем број велешани парче леб заработувале најнапред од парните, па дизел и денес од електричните локомотиви. Меѓу најстарите машиновозачи, кои „своите“ возови со вода ги полнеле од резервоарите и пумпите, биле Пепо Велев, Иван Дафинчев, Петре Николов, Петре Анастасов. Ладо Србов, Борис Колев, Љубе Солев, Живко Каров, Борис Николов, Славе Николов, Иван Оцедов, Ганчо Тороманов и Киро Оцедов.

Ако вака си ја чуваме историјата каква иднина сакаме да имаме!?

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...