Рустеми: Јанева побара да не го „замрзнам“ станот на Главчев во случајот „Поштенска Банка”

572

Јавниот обвинител Бурим Рустеми на денешното сведочење за случајот „Рекет” посочи дека поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева побарала од него како надлежен обвинител во случајот „Поштенска Банка” да не го „замрзне“ станот на осомничениот Томе Главчев.

Во сведочењето Рустеми посочи дека Јанева навела дека тој стан во Скопје е веќе продаден на нејзина пријателка и дека со замрзнувањето би се нанело штета на купувачот.

– Така и сторив. Пред суд доставив предлог овој стан не се замрзне. Потоа разбрав дека станот е во сопственост на поранешниот член на Советот на јавни обвинители, Сашо Василевски. Инаку, пред истрагата и истрагата за случајот „Поштенска Банка”, ја реализирав сам, без никакви влијанија од Катица Јанева, во однос на тоа кој треба да се опфати, за кои кривични дела и како да се конципира предметот – изјави обвинителот Рустеми.

Досега како сведоци исказ дадоа поранешните обвинителки од СЈО, Елизабета Јосифовска и Лиле Стефанова, бизнисменот Јордан Камчев, неговата сопруга Ана Камчева, сметководителката во приватните фирми на Камчеви, новинарот Христијан Баневски од телевизија 1ТВ и други.

Стефанова вчера сведочеше дека обвинетата Катица Јанева од нејзе барала да се даде позитивно мислење за одредување поблаги мерки за осомничените во предметот „Империја“. Стефанова рече дека осомничените во предметот „Империја”, скоро секогаш успевале да дознаат што СЈО презема против нив. Посочи дека со Јанева, имало негодување при нејзиното барање да се прифатат поблаги мерки за Јордан Камчев, Сашо Мијалков и другите притворени лица во случајот.

Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција во октомври годинава поднесе обвинение против Бојан Јовановски, Катица Јанева и Зоран Милевски.

Првообвинетиот Јовановски се сомничи дека сторил кривично дело „перење пари и други приноси од казниво дело“, а Јанева и Милевски за „примање награда за противзаконито влијание“. Второобвинетата Јанева се товари и дека сторила и кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“.

На првото рочиште за „Рекет“, третообвинетиот Зоран Милевски-Кичеец призна вина, по што беше осуден на три години затвор.

Судењето за „Рекет” пред Кривичниот суд го води судијката Васка Николовска-Масевска, додека обвинението го застапува обвинителката Вилма Рускоска.

Следното рочиште е закажано за 29 јануари, за кога е предвидено да сведочат четворица сведоци.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...