Русковска: Смело од Дурловски што се коцкаше со неговата, но криминално беше да се коцка со судбината на државата

3143

Игор Дурловски е единствениот од четворицата обвинети водачи на протестите „За заедничка Македонија“ кој не побара амнестија за 27 април и тој денеска од обвинителна клупа ги слуша завршните зборови на обвинителката Вилма Русковска.

И тој и амнестираните Богдан Илиевски Бетмен, Борис Дамовски и Владо Јовановски, според обвинението, користеле потпалувачки говори за време на протестите пред Собранието и ја повикувале масата.

Конкретно за Дурловски, Русковска во завршните зборови потсети на исказот на Курто Дудош, кој кажа дека кога на 27 април во холот пред прес салата во Собранието го здогледал Дурловски, оперскиот пејач извикал „овој не е од нашите“ по што група се упатила кон него, но Дудош успеал да се спаси. Обвинителката за Дурловски даде коментар и во однос на амнестијата.

– Негово право е да не побара амнестија, но немаше право да ја загрози судбината на државата. Смело од него што се коцкаше со неговата судбина, но криминално беше да се коцка со иднината на државата – рече Русковска.

За обвинетиот Абдулфета Алими, вработен во собраниското обезбедување кој се товари дека ги дал клучевите од главниот влез на Собранието и дека ја насочувал толпата, Русковска рече дека ако тој постапувал според закон немало да има потреба да го спасува Зијадин.

– Алими излезе во јавност со тврдење дека го спасил Зијадин Села. Нема да навлегувам во таа изјава. Само ќе потенцирам дека тој да си ги вршел своите задачи онака како што е предвидено со закон немаше да има потреба никого да спасува. Тој кривичното дело го стори многу претходно – рече обвинителката.

Додека зборуваше за останатите обвинети кои се вбројуваат меѓу оние кои извршиле и насилство, Русковска потсети дека Александар Василевски Нинџа ги собрал дента во „Дион“, дека знаеле оти вратите ќе се отворат и оти тогаш бил денот. Таа кажа и интересен детал дека снимките од безбедносните камери од ГТЦ на кои би можеле да се видат нивни движења не се меѓу доказите затоа што веќе следниот ден, на 28 април 2017 биле избришани.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...