Русковска се попишмани, новинарите останаа пред врата

1147

Ви гарантирам дека нема ништо што е загрижувачко, рече обвинетата во предметот „Рекет“, Катица Јанева, во врска со снимките од УСБ-то на Зоран Милевски-Кичеец во кое тој разговара со Бојан Јовановски-Боки 13.

Вчера, за овие снимки обвинителката Вилма Русковска се согласи да бидат презентирани денеска, но таа утрово се премисли и препорача јавноста да се исклучи затоа што во снимките се спомнувале познати имиња.

– За да не им се наруши нивната чест и углед, предлагам да биде исклучена јавноста – рече Русковска.

А еве што кажа само еден ден претходно шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција:

– Обвинетите и одбраната направија голем проблем околу снимките, а јас сметав дека прикажувањето на тие разговори е непотребно одолговлекување на постапката, но сепак, поради јавноста и да нема никакво сомнение во тоа дека обвинителството не сака да прикаже некакви докази кои наводно одат во корист на одбраната, предложив тие снимки да се слушнат. Мило ми е што судијката прифати – нагласи вчера Русковска.

Судечкиот совет по новото барање на Русковска на кратко се повлече за да донесе одлука и речиси по неколку минути се врати со решение што го соопшти судијката Васка Николовска-Масевска – новинарите да бидат исклучени од рочиштето.

На ова реагираа Јанева и Јовановски, како и адвокатите, но сепак судечкиот совет одлучи медиумите да ја напуштат судницата. Остри реакции упатија и новинарите поради неконзистентноста на обвинителката и на судечкиот совет, а најавија и дека за ваквиот однос ќе се пожалат во Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ).

Станува збор за аудиоснимките од преостанатите три фолдери од УСБ кои ги доставил до Русковска осудениот Зоран Милевски-Кичеец, а кои и во минатата недела по барање на обвинителката не беа пуштени пред јавноста. Тогаш како причина беше наведена заштитата на правото на приватност на инволвираните во разговорите помеѓу Боки и Кичеец.

– Судија ве молам да не ја исклучувате јавноста – побара обвинетата поранешна специјална обвинителка Катица Јанева која потсети дека минатата недела на едно од рочиштата беа презентирани снимки и за нејзината приватност, но дека во овие што сега треба да се слушнат нема ништо спорно. Јанева рече дека со снимките од „Ла Верита“ и бил нарушен интегритетот, но дека јавноста тогаш не била исклучена од судскиот процес.

На едно од рочиштата имаше и телефонски разговор во кој се зборуваше и за здравствената состојба на Јанева, поради што реагираше адвокатот Дељо Кадиев, но сепак снимката беше пуштена.

Првообвинетиот Јовановски реагираше дека не е издржано образложението на обвинителката за затворање на рошиштето.

– Во интерес на јавноста, барам новинарите да останат за да се спречат било какви шпекулации за снимките. Се изнаслушавме шпекулации за мене и за мои блиски чиј углед беше нарушен, сепак вие го имате последниот збор – ѝ рече Јовановски на судијката.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...