Обвинителката Вилма Рускоска која го води процесот за 27 април во кој се обвинети 33 лица, во изјава за Дојче Веле вели дека прво ќе чека Законот за амнестија да стапи на сила, а потоа ќе го анализира.
– Судскиот процес за 27-ми април продолжува. Во четврток има рочиште и ќе продолжиме со дополнување на доказната постапка. Законот за амнестија темелно ќе го анализираме кога ќе биде објавен во „Службен весник“ и ќе стапи на сила. Од она што го слушаме, е дека законот предвидува амнестија само за поединечни дејства, и дека амнестијата не се однесува на кривичното дело терористичко загрозување на уставниот поредок, за кое процесот ќе продолжи – вели обвинителката Вилма Русковска за Дојче веле.
Според тоа што го пишува во законот, сепак, се предвидува амнестија и за делото терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. Имено, во ставот 3 од член 1 на Закон се предвидува за кои дела се прави исклучок од амнестијата, а конкретното дело не е посочено дека целосно е исклучено од амнестија туку се опишува кои лица обвинети, осудени и осомничени за него нема да се амнесираат. Според тоа, амнестијата нема да важи само за оние кои го сториле ова дело на начин што биле со фантомки, тепале, носеле оружје и постапиле спротивно на сложбеното овластување.
„Одредбите од став (2) алинеи 1, 2 и 3 од овој член не се однесуваат за лица осомничени, обвинети, правосилно осудени како и лица кои издржуваат казна затвор за настаните поврзани и во врска со настаните во Собранието на Република Македонија од 27 април 2017 година за кои постои основано сомнение дека учествувале во подготвување или организирање на настаните во Собранието на Република Македонија или се правосилно осудени, а кои до денот на влегување во сила на овој закон сториле кривично дело „Здружување заради непријателска дејност” од член 324 став 1 од Кривичниот законик, лица со прикриен идентитет кои употребиле физичка сила, лица кои сториле насилство, лица кои неовластено носеле оружје или распрскувачки материјали и лица кои постапиле спротивно на службените овластувања при вршење на кривичното дело „Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста” од член 313 од Кривичниот законик, кривичното дело „Убиство” од член 123 од Кривичниот законик, кривичното дело „Насилство” од член 386 од Кривичниот законик“, пишува во законот.