Обвинителката Вилма Русковска која е шефица на Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција вели дека нема причина да се сомнева во службената белешка од МВР за бегството на Митко Чавков, како и дека нема зошто да се правда.
– Нема потреба да се правдаме. Обвинителството постапува по известување од полицијата – вели Русковска во изјава за Макфакс.
Поранешниот директор на БЈБ, како обвинет за 27 април, синоќа заврши во затворот во Шутка, откако обвинителството побара, а судот одобри притвор од 30 дена. Ставањето зад решетки на Чавков е само три дена пред пресудата за „27 април“ каде тој е обвинет за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста – дело за кое минималната затворска казна е 10 години.
Барањето за притвор обвинителството го поднесе откако добило службена белешка од МВР во која пишува дека близок пријател на семејството Чавкови дал информација оти поранешниот функционер планира бегство пред да биде соопштена пресудата во петокот.
Наводно, тој сакал да избега на Халкидики каде има вила.
Неговата ќерка, пак, на социјалните мрежи реагираше дека станува збор за местенка барајќи докази од обвинителството за постоење на имотот во Грција.
Чавков, инаку, излезе од притвор да се брани од слобода со гаранција од имот вреден околу 600.000 евра.