Извештајот од вештачењето на телефонот на специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева, е готов и стигнал во Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција, кое ја води истрагата за случајот „Рекет“, потврдуваат оттаму за Плусинфо.
Во интерес на истрагата, велат тие, официјални детали од тоа што покажало вештачењето не можат да соопштат. Тоа беше нарачано со цел да се види нејзината комуникација со првоосомничениот во овој предмет, Бојан Јовановски – Боки 13, но дали извештајот кој е направен ќе и донесе и статус на осомничена, засега нема информации.
Катица Јанева засега не е под истрага, бидејќи нема доволно докази, но дента кога обвинителката Вилма Русковска ја отвори истрагата и ги приведе Боки 13 и бизнисменот Зоран Милески – Кичеец, издаде наредба и за одземање на нејзините мобилни телефони.
Истражителите од нејзиниот дом се вратија со само еден од двата мобилни бидејќи за другиот рекла дека го изгубила. Русковска, викендов во интервју за Сител ТВ, кажа оти синот на Катица, Лазар Јанев, рекол оти вториот мобилен е изгубен во Белград.
Во друго нејзино телевизиско појавување викендов, во емисијата КОД на Телма ТВ, таа посочи оти има снимки од кои се слуша и гледа дека додека Боки 13 разговарал со сведокот бизнисмен, на спикерфон е и јавен обвинител.
Специјалната обвинителка си даде оставка минатиот понеделник, дента кога беа уапсени Боки 13 и Зоки Кичеец. Од тогаш, нема информации каде се наоѓа таа, освен дека ден потоа, во вторник, отворила боледување.