Обвинителката Вилма Русковска побарала продолжување на мерката притвор за 30 дена на сега веќе поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева која е осомничена во случајот „Рекет“. Барањето е испратено утрово.
Кога Јанева заврши во Шутка, ОЈО за организиран криминал и корупција бараше притвор врз сите три основи: повторување на делото, влијание врз сведоци и опасност од бегство. Сега оттаму може да бараат притвор само врз основа на првите две основи бидејќи сега осомничената не може да го повтори делото затоа што беше разрешена.
Од друга страна, пак, адвокатката на Јанева, Ирена Фрчковска вчера побара укинување на притворот.
– Отпаднати се основите за определување мерка притвор и целта може да се постигне и со друга мерка, не мора да се оди со најстрогата по закон. Сметаме дека основите се отпаднати со самото нејзино разрежување од СЈО и од ОЈО Гевгелија. Сето ова е наведено во предлогот и ќе видиме каква одлука ќе донесе судот – изјави Фрчковска, која понудила и имот како гаранција.
Одлука од судот се очекува да има најдоцна до петок кога истекуваат првичните 30 дена притвор.