Руски шпиони ги користеле Француските Алпи како главен камп за операции во цела Европа, објави денеска весникот „Монд“.
Според медиумот, 15 припадници на руското воено разузнавање биле активни на континентот од 2014 година. Тие последен пат преминале преку Франција во септември 2018 година.
Разузнавањата на Франција, Швајцарија и на Велика Британија презеле операции за потрага по руските шпиони. Еден од тие 15 агенти бил идентификуван од британските служби како еден од тројцата извршители на нападот во Солсбери во март минатата година во кој беа отруени со Новичок, Сергеј Скрипал и неговата ќерка Јулија.
Весникот тврди дека шпионите немале никакви операции во Франција, но неколкупати биле во мали градови како Анмас, Шамони и во Евијан. Тие според медиумот, дејствувале во Велика Британија, Бугарија, Црна Гора, Крим и во Молдавија.