Во областа на Ростов во Русија е пронајден стар тенк „Ладога“, кој го има прекарот „возило за нуклеарна апокалипса“, пишува „Росијска газета“.
Според информациите на овој портал, произведени се вкупно пет возила од овој модел. Тие се нарекуваат и „тешки лимузини“, бидејќи требало да се користат како командно-штабни возила за високи политички и воени официјални лица на СССР.
Тенковите, во кои може да влезат шест луѓе, биле добро заштитени од оружјата за масовно уништување, а токму поради тоа биле тешки по 42 тони.
Конструкторите од Ленинград го опремиле ова оклопно возило со силни вентилациски клима-уреди. Тие, меѓу другото, за тоа време имале и најнапредни и современи системи за врска и надгледување, телевизиски камери и уреди за контрола на животната средина.
Првиот тенк е направен на почетокот на осумдесетите години, на база на шасијата од тенкот Т-80 и моторот GTD-1250. И покрај големата тежина, овие тенкови можеле да се движат до 80 километри на час.