Руски рулет со ќор-фишеци

Малку се претерува со заплашувањето дека сега ќе дојдат Русите во Македонија и дека ќе успеат да го блокираат целиот процес што ветува напредок на државата, а и самата Москва не би одела толку далеку само за да ја спречи интеграцијата на земјава во НАТО, објаснуваат експертите.

790

Руското влијание во Македонија значително ќе се зголеми во пресрет на референдумот. Москва ќе направи буквално сѐ за тој да биде неуспешен и да ја спречи интеграцијата на земјава во ЕУ и во НАТО, предупредуваат странски аналитичари и дипломати.

Домашните експерти, пак, велат дека рускиот притисок не може многу да влијае врз референдумот, бидејќи како што појаснуваат, македонските граѓани ја знаат позицијата на Москва дури и пред да се одлучат за што да гласаат. Тие велат дека луѓето што се декларираат за поддржувачи на руската кауза претставуваат малцинство во земјава и тие не се влијателни луѓе и не членуваат во влијателни политички партии што можат да извршат големо влијание во општеството или да му наштетат на целиот процес.

Независност и сувереност

Поранешниот американски амбасадор во Македонија, а сега професор по дипломатија на Универзитетот Денвер, Кристофер Хил, вели дека Русија цврсто верува дека ќе ја спречи Македонија да стане членка на НАТО.

– Русија отворено ја искажа својата желба да го ослаби НАТО, а со тоа што е против Договорот од Преспа, таа се надева дека ќе ја спречи Македонија да стане членка на Алијансата. Но, дури и под притисок, Путиновата Русија нема да признае дека се противи на грчко-македонското затоплување на односите, па дури и нема да се извини што презела активни мерки да се вмеша во внатрешните работи на Македонија и на Грција – наведува Хил во својата најнова анализа на руското влијание во земјава, пренесува „Радио Слободна Европа“.

Сличен став дели и поранешната заменичка на помошниот секретар за одбрана на САД, Евелин Фаркаш, која изјави дека ако евентуално пропадне претстојниот референдум за промена на името, тогаш тоа ќе се смета за победа на националистичките екстремисти и на Русија.

– Македонија кажа „не“ на манипулациите кои доаѓаат од Москва – порача Фаркаш за време на нејзината посета на Скопје.

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, пак, во сето ова ја гледа и поголемата слика за оваа ситуација.

– Целата идеја дека Русија нема да прифати некои други држави да станат членки на НАТО е на некој начин израз на идеја за воспоставување сфери на влијание каде што големите сили ги контролираат помалите соседи. Тоа е спротивно на сè она во што НАТО верува, а тоа се независноста и правото на сувереност на сите нации да одлучуваат за својот пат – рече Столтенберг.

Сакаат да нѐ уплашат

Политичкиот аналитичар Петар Арсовски оценува дека во последната деценија Русија не била премногу активна на овој регион, но дека сепак, во последните неколку години се забележува многу поинаква слика.

– Москва ги интензивираше алатките и методите што ги користи и почна да финансира локални партии во Македонија, како и да финансира протести. Токму затоа, на прашањето до каде може да оди Русија кога станува збор за стопирање на интеграцијата на земјава во НАТО, може да се одговори само доколку се дознае нејзината вистинска заинтересираност. Јас искрено мислам дека рускиот притисок не може многу да влијае врз референдумот за името, бидејќи граѓаните ја знаат позицијата на Русија дури и пред да се одлучат за што да гласаат. Така што, оние луѓе што го оформиле мислењето за референдумот, а тоа се повеќе од 96 отсто од граѓаните, тешко дека ќе го сменат тоа мислење колку и да бил силен притисокот на Москва. Притисок сигурно дека ќе постои, но тешко дека тој ќе има разорна моќ за да го сруши целиот процес – објаснува Арсовски.

Професорката Викторија Кафеџиска од Европскиот факултет вели дека малку се претерува со идејата да се заплаши народот кога ќе се спомнат зборовите „Москва“ или „Русија“.

– Со сите години што јас ги имам, честопати се прашувам дали е можно да сум толку наивна и да не гледам дека Русите толку многу се мешаат онаму каде што не им е местото. Кога се работи за руското влијание во Македонија, оние луѓе кои се декларираат за поддржувачи на таа руска кауза претставуваат малцинство и тие не се влијателни луѓе и не членуваат во влијателни политички партии кои можат да извршат големо влијание. Оттука сметам дека малку се претерува со заплашувањето дека сега ќе дојдат Русите и дека чуда ќе се случат. Исто така, сметам дека Москва не би одела толку далеку само за да ја спречи интеграцијата на Македонија во НАТО. Едноставно, треба да престанеме да ги користиме зборовите „Русија“ и „Москва“ со цел да исплашиме одредена целна група во општеството. Јас тврдам дека процесот не може на никој начин да биде нарушен – вели Кафеџиска.

Извор: Слободен печат

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...