Познавам луѓе кои ќе заминат од Скопје за Белград само за да го видат со свои очи рускиот претседател Владимир Путин, за време на неговата посета на Србија. Имаат иста возбуда како кога на времето, како пионери и социјалистички младинци, со часови чекавме на некој градски свиок за да ја видиме раката на Тито како ни мавта од некој голем, црн автомобил на пропатување низ… негде.
Големи се подготовките на актуелната српска власт за дочекот на уважениот гостин од Москва, пет години по неговата последна посета на Србија. Меѓу другото, Вучиќ на Путин ќе му подари тримесечно шарпланинче – кученцето имало совршено педигре „седум генерации наназад“, велат од кај Вучиќ, и дека „станува збор за нашата најстара автохтона раса кучиња, а се знае дека претседателот Путин сака токму такви раси” – а Путин на Вучиќ ќе му го окачи орденот „Александар Невски“, како највисоко одличје за странски државници кои се заслужни за развивање на пријателството со Русија. Од партијата на Вучиќ се заангажирани над илјада автобуси за од цела Србија во Белград да ги донесат сите оние кои ќе се наредат на платото пред храмот „Св. Сава“ каде ќе се одржуваат дел од свечените церемонии.
Единственото преостанато отворено дипломатско прашање е која песна ќе му ја запее Ивица Дачиќ, распеаниот министер за надворешни работи на Србија, на свечената вечера со Путин?!
Покрај истакнувањето на сентименталноста на српско-руските односи – некој посетата веќе ја нарече „круна на заедничкото пријателство и страдање“, оти кај браќава Словени ако нема страдање, како ништо да не се случило – јасно е дека Вучиќ сака да испрати и јасна внатрешнополитичка порака до прозападната опозиција која со недели му демонстрира во Белград под прозорите. Помпезната режија на целиот пречек и престој на Путин, кој е несомнено еден од најголемите актуелни политички брендови во светот, од што ќе се вадат часови и часови пропаганден видео материјал, може да се толкува и како голема сценска подготовка за вонредните парламентарни избори на пролет, со кои власта би можела да ги изненади своите политички опоненти. „Јас и Путин 100 милиони – а вие?“, им порачува Вучиќ, како во познатиот виц за Црногорците, на лидерите на тамошната опозиција, веројатно фаќајќи го последниот изборен воз пред тие да се обединат во намерата да го срушат од власта.
А се разбира дека во „позадината“ на целата Путинова визитација е поддршката и за „територијалниот интегритет и целовитост“ на Србија, наспроти долгогодишниот српско-албански „преплет на црева“ околу разрешувањето на односите со Косово. Тука доаѓаме и до Македонија, бидејќи Путин во Белград ќе треба да претставува и своевиден симболичен руски одговор на западните притисоци врз Приштина и Белград, на бранот на спектакуларниот успех на Преспанскиот договор, да се забрза затворањето на уште еден регионален проблем што би го придвижил Балканот до посакуваната подолготрајна стабилност. Вучиќ е под силен американски притисок – како и Тачи, впрочем – со територијално разграничување да го разврзе косовскиот јазол на српско-албанскиот конфликт, а на Русија, принципиелно заинтересирана секогаш да има барем неколку „камчиња“ што ќе го прават некомотен европскиот чевел на Балканот, со право не ѝ се допаѓа расплетот во кој Албанците, најголемиот проамерикански фактор во регионов, ќе добијат можност за непречено понатамошно обединување и зајакнување на своите прозападни позиции.
Со други зборови, Путин од Белград ќе му порача на Западот дека членството (и) на Македонија во НАТО не му е драго, но дека ширењето на тој бран кон Србија би го сфатил како директен повод за руско-западен конфликт на Балканот. Со својата посета на Србија, Путин уште подлабоко ќе му ја навлече таа руска „шубара“ на главата на Вучиќ, па тој со здравје да си ја носи! На што Вучиќ, се разбира, воопшто и не се противи.
Извор: Цивил медиа