Го преслушав внимателно разговорот меѓу руските пранкери Вован и Лексус и премиерот Заев, кој се приклучи на листата од светски познати личности како Емануел Макрон, Борис Џонсон и низа други државници и светски познати личности. Самиот по себе, овој настан покажува (уште еднаш) дека Зоран Заев и Северна Македонија се важни за одредени моќни структури од добро познати причини.
Рускиве неранимајковци (пранк, во превод, несолена шега) не измислуваат ништо ново. Се сетив на премиерата на филмот „Yes Men” на Меѓународниот фестивал на документарниот филм во Амстердам во 2003 година. Тоа е првиот филм на Жак Сервинанд и Игор Вамос (се нарекуваат и Јес Мен), антиглобалистички активисти чија цел е да ја зајакнат јавната свест во светот за горливи социјални, еколошки и политички прашања.
Така, мета на нивните герилски и онлајн „диверзии” се големи корпорации и институции, меѓу кои е, на пример, Светската трговска организација. Едно од нивните најинтересни, често урнебесно смешни, начини на „пресметка” е преземање на идентитети на веб страници или личности, како што е еден светски познат „пранк” со Џорџ Буш. За овие глобални активисти и пионери на пранкот има и повеќе од доволно податоци на Интернет. Јес Мен се гости во стотици светски познати ТВ емисии на најпознатите телевизии во светот.
Има разлика меѓу Јес Мен дуетот и руските пранкери. Додека Јес Мен се граѓански активисти на кои им се восхитува светот, а нивните акции предизвикуваат и сериозни промени на практики, руските пранкери се дел од една многу поинаква операција.
Пред да им се заблагодариме на Русите што ја ставиле нашата земја, преку нашиот премиер, на листата познати и влијателни луѓе во светот, мора да се соочиме со неколку факти.
Овој разговор на руските измамници не е во целост автентичен, бидејќи на неколку клучни места се забележува техничка интервенција. Но, тоа е најмалку важно.
Овој разговор, објавен и коментиран во руските телевизии, а со познатата агилност и злоба пренесен од курирските антидемократски и криминални служби кај нас, не може никако поинаку да се толкува освен како атак на македонските стратешки интереси и определби. Истите за кои и режимот на цел глас се декларираше дека ги поддржува, а подземно работеше против нив.
Овој скандалозен и валкан атак на Кремлин врз македонските стратешки цели е само уште една потврда за сите познати и помалку познати операции што ги спроведува руската политичко-медиумска и разузнавачка машинерија низ светот и на Балканот. Познат факт е дека овој руски дует ги напаѓа само оние што му пречат на Путин.
Од друга страна, го слушаме Зоран Заев како, во приватен разговор (да не се заборави) уште еднаш, искрено ги потенцира сите свои добро познати ставови и заложби што се дел од повеќедецениските стратешките определби на Северна Македонија. Притоа, го слушаме како, да повторам, во приватен разговор, ги искажува своите демократски позиции и вредности. Тој и во јавноста, а така и во разговорот со руските агенти, пардон, пранкери, зборува за солидарноста со Велика Британија, со протерувањето на рускиот шпион и против незаконските дејствија на руските служби воопшто.
Тие што само ќе ги прочитаат курирските коментари и нема да најдат време да го преслушаат предолгиот (54 минути) аудио запис, треба да знаат дека Заев уште еднаш го потврдува своето категорично противење против промена на границите и размена на население, велејќи дека тоа е намера на Русија да предизвика преседани во глобалната политика, со цел да предизвика нестабилност. Тој, не знаејќи со кого разговара, упорно го брани мирот на Балканот, разложно говори дека ваквата операција може да донесе само нови војни. Се залага за решение на статусот на Косово.
Заев во ниеден момент не се колеба дека Договорот со Грција е добар и дека со него ќе се надмине еден тежок тридецениски спор, а притоа ќе се сочува македонскиот идентитет, македонскиот јазик, ќе бидат признаени Македонците (ќе додадам: и Македонките) како народ. На ист начин зборува и за придобивките од Договорот со Бугарија.
Заев во разговорот е крајно позитивен. На мое големо изненадување, тој вели дека има кохабитација со Иванов и дека нема докази дека Иванов е директно поврзан со Русија и Турција, иако покажува блискост со Русија. Заев го брани правото на Иванов на сопствено мислење! Што човек ќе беше ова!
Без колебање и без ни трошка резерви, Заев ја искажува својата благодарност за поддршката на Западот за Северна Македонија и на стремежот на македонските граѓани за подобар живот, за трговија, нови инвестиции… И искрено се гордее што македонското знаме ќе се вее пред НАТО.
Македонските патриоти и христијанските верници можат да се уверат дека премиерот силно се залага МПЦ да добие автокефалност. Во разговорот откриваме и тоа дека Ципрас помагал МПЦ да добие автокефалност.
Лесно е да бидеш мангуп кога зад тебе стојат пари, моќ, медиумско-политичка и шпионска машинерија. И сега, пред да ѝ се предадеме на курирската булумента што, по налог на непријателите на македонската демократија и слобода, деновиве ќе поведат уште една валкана офанзива, добро е да ги имаме предвид поентите кои измамничкиот потфат на руските агенти го прават крајно неуспешен. И никако да не ги заборавиме мотивите што стојат зад овој најнов атак. И да бидеме спокојни, бидејќи имаме уште еден аудио доказ дека тоа што Заев го кажува јавно, го кажува и во приватен разговор, не прифаќајќи ги провокациите.
Откако тоа ќе го направиме, можеме малку и да се насмееме на сметка на премиерот.