Дебатата за процесот на донесување одлуки на Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ) во однос на правото на глас на делегациите, ќе биде една од главните теми на летната сесија на паневропската асамблеја, која започнува денеска и ќе трае до 28-ми јуни, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Со ова промена во деловникот на ПССЕ, ако биде усвоена ќе ѝ се овозможи на руската парламентарна делегација да се врати во Стразбур и со тоа да се стави крај на кризата со Руската федерација, која ризикуваше исклучување од Советот на Европа, поради неплатената членарина.
Парламентарното собрание на Советот на Европа (ПССЕ), би можело повторно да ги отвори вратите за Русија, санкционирана од 2014 година за својата агресивна политика во однос на Украина. По ова прашање ПССЕ е поделено, јавува дописникот на МИА од Стразбур.
Непосредно пред летната сесија на Парламентарното собрание на Советот, рускиот парламент посочи дека нејзината делегација е подготвена да им се приклучи на Стразбур на 46-те национални делегации кои го сочинуваат ова собрание.
Се чини дека реинтеграцијата на Русија е готово прашање, било меѓу поддржувачите или противниците на оваа мала дипломатска револуција. Гласањето за новиот генерален секретар на институцијата, чиј мандат завршува, дури е одложено за еден ден, до 26-ти јуни, за да се осигури дека руските парламентарци ќе можат да учествуваат во него.
Санкциите против Русија беа усвоени од страна на ПССЕ во неколку бранови од 2014 година, во пресрет на анексијата на Крим и војната во Донбас. Меѓу нив: одземање на гласачките права на руската делегација и забрана за учество во одредени комисии …
Со други зборови, овие санкции без економска компонента остануваат многу помалку казниви од оние што ги имаат усвоено другите институции и посебно Вашингтон и Брисел. Но, нивното укинување би имало голема симболична тежина и би можело, според противниците на оваа мерка, да претставува опасен преседан и уште повеќе срамно за Советот на Европа, каде што заседаваат претставниците на 47 национални парламенти кои имаат за главна мисија – одбрана на човековите права и владеење на правото.
Претходните обиди за реинтеграција на руската делегација во минатото пропаднаа, но односот на силите во последниве неколку недели значително се промени, особено под заедничкото дејствување на Франција и Германија. Сепак, политиката на Москва е таа која првенствено носи плодови. Од 2016 година, Кремљ престана да испраќа претставници во Стразбур, по што го суспендира исплаќањето на својот годишен финансиски придонес (33 милиони евра, или 7% од буџетот), со што се стави целиот Совет на Европа и Европскиот суд за човекови права во потешкотии.
Пред сè, Кремљ редовно се заканува да се повлече целосно од организацијата, со што ќе лишат 144 милиони руски државјани од заштитата на Европскиот суд за човекови права, тело зависно од Советот на Европа. Иако Москва ретко се придржува до неговите пресуди, Судот останува последно средство за многу Руси. За дваесет години, судот од Стразбур доби повеќе од 160.000 жалби против Русија а меѓу бројните пресуди, тој му даде право на Алексеј Навални или на протестната група Пуси Риот.
Различните руски пристапи или закани го сменија мислењето на избраните членови на Парламентарното собрание, вклучувајќи ги и оние кои тешко се рангираат меѓу про-Кремљ, но кои се плашат од целосен прекин на односите со Москва, а да не го споменуваме ризикот од зараза кон Турција или Азербејџан, други две земји кои се честопати критикувани од ПССЕ за нивните политики за човековите права.
Ова прашање ја стави во сенка свеченоста за 70-тата годишнина од Советот на Европа, која е предвидена денеска.
ПССЕ за време на сесијата ќе го избере и генералниот секретар на Организацијата, кој ќе го наследи Торбјорн Јагланд. Парламентарците од 47-те земји членки на Советот на Европа треба да изберат меѓу Марија Пејчиновиќ Буриќ, актуелна заменик премиер и министер за надворешни работи на Хрватска и Дидие Рејндерс, исто така заменик премиер и министер за надворешни работи на Белгија.
Пред ПССЕ, ќе се обрати и француската државна секретарка за европски прашања Амели де Монтшалин, чија земја претседава со Комитетот на министрите на Советот на Европа. На летната сесија еден од поистакнатите гости е Марсело Ребело де Соса, претседател на Португалија.
Меѓу точките на дневниот ред се дебатата за атентатот на Дафне Гаруана Галиција и владеењето на правото во Малта, заедничка дебата за ставање крај на насилството врз жените и достигнувања во областа на родовата еднаквост; ставањето крај на насилството врз децата, со интервенција на Мод де Бур-Букиккио, специјален известувач на Обединетите нации за продажба и сексуална експлоатација на децата, како и извештајот за ставање крај на принудните мерки за менталното здравје.
Собранието, исто така, ќе расправа околу ситуацијата во Сирија, мониторинг дијалогот со Бугарија, убиството на Борис Немцов, мерките за враќање на мигрантите и азилантите од страна на земјите-членки, како и буџетот на Советот на Европа и ПССЕ.
На пленарната сесија на ПССЕ ќе се најде и извештајот на ПССЕ за следењето на претседателските избори во Македонија, додека на комисијата за мониторинг ќе биде претставена нацрт верзијата на извештајот за следењето на обврските на нашата земја преземени со членството во Советот на Европа.
Во Стразбур сѐ уште не е потврдено присуството на комплетната македонска собраниска делегација, со оглед како што ни беше речено гласањето на доверба на новата македонска влада.