Русија и Кина ставија вето на резолуцијата за Сирија

Резолуцијата, предложена од Белгија, Кувајт и Германија, предвидува доставување помош во наредните 12 месеци преку два пункта во Турција и еден во Ирак. Меѓутоа, Русија беше подготвена да одобри два премина во Турција на шест месеци и предложи своја резолуција.

289

Русија и Кина во Советот за безбедност на Обединетите нации ставија вето на предлог резолуцијата со која се предвидува достава на хуманитарна помош од Турција и Ирак во Сирија.

Како што пренесуваат светските агенции, резолуцијата, предложена од Белгија, Кувајт и Германија, предвидува доставување помош во наредните 12 месеци преку два пункта во Турција и еден во Ирак. Меѓутоа, Русија беше подготвена да одобри два премина во Турција на шест месеци и предложи своја резолуција.

За првиот предлог гласаа 13 од 15 членки на Советот за безбедност, а за рускиот пет, додека против беа шест, а воздржани четири.

Потребни се девет гласови за Советот да донесе резолуција, притоа ниту една од петте постојани членки – САД, Русија, Кина, Франција и Велика Британија да не стави вето.

Американската амбасадорка Кели Крафт по гласањето изјави дека е во шок и оцени дека последиците ќе бидат ужасни. За ветото што го ставија Русија и Кина рече дека е „несовесно, неодговорно и сурово“.

Помошникот на шефот на ОН за хуманитарна помош Урсула Милер изјави во Советот дека без прекуграничните операции ќе има целосен прекин на испораката на помош за милиони цивили во Сирија.

– Ова ќе предизвика брзо зголемување на гладот и болестите, што ќе доведе до зголемување на смртните случаи, страдања и ново раселување на цивили, вклучително и преку границите – рече Милер.

Важноста на актуелната резолуција со која се дозволува да се испорачува помош преку четири премини во Турција, Ирак и Јордан истекува на 10 јануари, така што се оценува дека сè уште може да се постигне договор.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...