Русе, Бени и Трајан

2815

Еден високо позициониран советник во актуелната власт пред речиси еден месец ми раскажа случка во Владата на која присуствувал. Имено, на состанок на премиерот Заев со фирми со странски капитал во земјава, претставник на една голема компанија го прашал кого да бараат во Владата за откочување на бирократски бариери со кои инвеститорите се соочуваат во земјава на локално или централно ниво. Претставникот на компанијата посебно нагласил дека со такви прашања не би сакале и во иднина да го трошат времето на премиер на една држава кој има многу покрупни и поважни обврски. Заев, според кажувањето, посочил дека како и досега за било каков проблем најпрактично е да го бараат него, со цел најбрзо да се надминат бирократските и другите пречки со кои се соочува бизнис заедницата, а од чие нерешавање понатаму трпи штета целата земја.

Откако го слушнав ова, како и приказната со среќен крај за една друга голема компанија од економските зони, за мене воопшто не беше изненадување одлуката на премиерот привремено да го преземе Министерството за финансии. Напротив, беше многу очекувано. Дали е исправно или не, оставам да си кажат експертите во оваа област, како и бизнис заедницата во целина.

Но, следејќи ја деновиве јавната дебата на тема кадровски смени во Владата, ми станува сè појасно дека системот за кој подолго време зборуваме е потребно да започне во економските ресори од извршната власт. Бидејќи, не треба да заборавиме дека Буџетот на државата се полни во голема мера од приватниот сектор. Каде секако треба да ги вклучиме и странските инвестиции и инвеститори. Од овие пари понатаму се плаќаат административците, општинското работење, социјалната помош, пензиите итн.

Ако го земеме сето ова предвид мислам дека е повеќе од неопходно за целата земја, но и за секој од нас како граѓанин да имаме развиен и во добра кондиција бизнис сектор. Затоа што ако бизнис секторот е незадоволен и ги намалува инвестициите или бројот на вработени, тогаш Буџетот за останатите трошења ќе стане сè потесен и сè позависен од странски и домашни задолжувања. А, тие задолжувања повторно утре треба да ги враќаме од буџетот во чие полнење во огромна мера учествува приватниот сектор… И така натаму, во континуитет се врти кругот или спиралата.

Сепак, да не ја заборавиме темата за системот… Бидејќи премиерот Заев кажа дека ова решение е преодно, односно дека тој ќе раководи со ресорот до изборот на нов министер за финансии, еве еден мој предлог кој сметам дека вреди да се разгледа бидејќи го професионализира односот на партиите кон граѓаните, ги вреднува професионалните организации, гради позитивна клима во делот на односите со јавноста, демократските стандарди, правила и процедури.

Министрите за економија и финансии, како и вицепремиерот за економски систем да се бираат или да бидат одобрувани од редот на Стопанската комора на Македонија, Сојузот на стопански комори и Стопанската комора на Северозападна Македонија (ако пропуштам други, секако да се додадат). Значи од секоја комора по еден претставник како министер во различен економски сектор. Ајде да ја професионализираме јавната политика, особено во време кога политичарите велат дека секој потенцијал треба да се искористи. Нека ја почне оваа пракса актуелната власт, а секоја наредна да ја продолжи.

На овој начин, да дадеме шанса и прилика на професионалците во секоја област, односно на оние кои имаат директно искуство во своите области на работа. Нели до скоро се воодушевувавме на кабинетот на канадскиот премиер, Џастин Трудо. На различната припадност на неговите министри, половата еднаквост и најважното, дека речиси секој ресор го води професионалец од областа, односно претставник од целните групи со кои тоа министерство раководи. Ајде да го пресликаме тоа кај нас или да преземеме други позитивни примери од останатите западните земји. Систем поставен на здрави основи, долгорочно размислување и планирање, без политиканство денес и во иднина од страна на владејачките и опозициските партии.

Секако ова е само еден предлог кој сметам дека вреди да се разгледа заедно со уште други можеби и многу подобри идеи и предложени решенија за системско поставување во економските ресори како приоритети на сите партии, влади, но првенствено неопходни за секој наш граѓанин, градење на подобар живот и задржување на младите дома како претприемачи и млади приватни стопанственици, наспроти масовниот одлив на кадри во странство или вработување во јавната администрација како врвен идеал.

Кој е Трајан?

Еден од главните јунаци во оваа колумна според насловот е и Трајан. Но, не зборуваме за новиот министер за земјоделство, Трајан Димковски, туку за професорот Трајан Гоцевски, кој истовремено беше и првиот цивилен министер за одбрана по осамостојувањето на нашата земја.

Пред речиси една година, враќајќи се од Охрид, на радио слушав дебатна емисија, во која беше гостин овој професор. Морам да признам дека таква јасна мисла, став и решителност за стратешките определби за земјава немав одамна слушнато. Тоа беше предреферендумско време, сè уште беше неизвесно што ќе се случува со нашето членство во НАТО и ЕУ, а професорот Гоцевски веќе зборуваше визионерски. Ќе се обидам само да се присетам на дел од темите кои уште тогаш тој ги отвори: ориентација на државата кон обединување на компаниите со цел подготовка за учество на јавните набавки на НАТО кои имаат голема парична вредност, начинот на кој можат да се црпат искуства во делот на одбраната, неможноста никој да ни го одземе правото на самоопределување…

Овие недели се чудам зошто одговорните двајца ПР функционери во Владата не го прашаат за совет професорот Гоцевски. Ако не можат сами, зошто не побараат мислење од професорот за креирање на стратегија за односи со јавност во делот на НАТО интеграцијата на нашата земја. Бидејќи непријатно е да се гледа од страна како ПР тандемот во Владата во голема мера го занемарува процесот на членство во НАТО кој се движи со молскавична брзина и е на самиот дофат, а во делот на односите со јавноста се фокусира главно на преговорите за членство во ЕУ кои се очекува да бидат есенва, но конечна одлука за тоа сеуште нема.

Мене ми е јасно дека опозицијата го користи и во иднина ќе го користи (не)отворањето на ЕУ преговори за критика на актуелната власт. Сепак, тоа е работа на една опозиција: да критикуваат и истовремено да нудат решенија за проблемите. Но, не ми е јасно зошто одговорните за односи со јавност во Владата тоа не го пресретнат и не ја пренасочат темата кон НАТО членството како успех на оваа Влада кој е на дофат? Сепак, успехот за НАТО е став кој е прифатен од најголемиот дел во јавноста, вклучително во многу наврати признаено и од опозициски претставници.

Како и да е, на оваа тема може и има потреба многу да се зборува. Но, да оставиме за друга прилика. Сепак, ако ништо друго, драго ми е што претседателот Пендаровски се сети на професорот Гоцевски и го номинира за член на националниот Совет за безбедност.

А, Русе и Бени?

Искрено, не ми паѓа на памет да изнесувам став на таа тема. Не затоа што не е важна, туку затоа што не е воопшто во мој домен. Културата припаѓа на луѓето од сферата на културата. И во овој ресор, сметам за потребно секоја власт да воведе систем за избор на луѓе од таа фела. По примерот за кој пишував погоре во делот за избор на економските министри.

Ајде да се професионализираме целосно! Но, да бидеме свесни дека тоа ќе биде изводливо само кога политичарите, нивните советници и најблиски соработници ќе решат да се изземат од носењето на одлуки за кои не се стручни и компетентни. Додека мислат дека само затоа што се политичари во сè се разбираат и треба самите да носат одлуки, вака ќе ни биде. Ако ни е убаво, да продолжиме на овој начин. Но, ако сакаме вистински промени треба сите да појдеме од себе и да се промениме. На чело со политичарите кои треба да го дадат првиот пример.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...