РТК: Американскиот амбасадор Коснет им ја тресна вратата на косовските лидери

1340

Косовската јавна радиотелевизија (РТК) на својата веб-страница објави дека американскиот амбасадор Филип Коснет ја напуштил денешната средба со косовските лидери нервозен и им ја треснал вратата на излегување, јави дописникот на МИА од Приштина.

Повикувајќи се на сопствени анонимни извори, РТК тврди дека Коснет бил видно изреволтиран од некои изнесени ставови на средбата во врска со американското барање за укинување на таксата од 100 отсто на увозот на производи од Србија и од Босна и Херцеговина, што пред нешто повеќе од два месеци ја воведе Владата на Косово.

– На оваа средба со претседателот Хашим Тачи, парламентарниот спикер Кадри Весели и премиерот Рамуш Харадинај, амбасадорот Коснет јасно ставил до знаење дека постојат само два пата: Првиот, укинување на таксата, што значи останување на САД на страната на Косово до крај. Вториот, воведување веднаш на санкции на САД кон Косово, што претставува сериозно наштетување на односите меѓу двете земји – тврди косовската јавна телевизија.

РТК во косовската јавност се перцепира како нескриен поддржувач на владејачката Демократска партија на Косово (ПДК) на Весели, а чиј основач и доскорешен лидер беше Тачи.

Претседателот на државата силно се залага за укинување на таксата на увозот од Србија, со цел да се деблокира дијалогот за решавање на споровите меѓу двете земји.

Актуелниот лидер на ПДК, Весели, завчера побара таксата, поради барањето на САД и на Европската унија, да се суспендира на 120 дена, на што решително се спротивставува премиерот Харадинај, кој вели дека таа ќе се укине кога Белград ќе го смени односувањето и ќе ја признае независноста на Косово.

Харадинај денеска, по состанокот со Коснет, изјави дека не се исклучува неговата Влада да падне, доколку продолжат недоразбирањата меѓу коалиционите партнери за санкциите кон Србија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...