Дописниците на РСЕ од Брисел имале увид во документот што ќе биде објавен на 17 април во Стразбур и јавуваат дека извештајот за напредокот на Македонија е меѓу попозитивните во овој пакет на Брисел, кој „јасно ја препознал политичката волја за напредок“.
Европската комисија следната недела ќе објави Пакет за проширување во кој се проценува состојбата во државите кои настојуваат да се придружат на 28-члениот блок.
Дописниците на Радио Слободна Европа јавуваат дека критични точки во сите држави од Западен Балкан, според оценката на ЕК, остануваат оние што се поврзани за владеењето на правото, а „организираниот криминал и корупцијата остануваат синоним за секоја држава во регионот“.
Според извештајот, „шампион“ во регионот е Албанија, а Македонија ќе добие препорака за отворање на пристапните преговори и позитивни оцени за новата влада.
„ЕК повторно во повеќе наврати го користи изразот заробени држави. Јавната управа во државите до регионот останува слаба, и малку или воопшто нема прогрес на полето на слобода на изразување“, стои во извештајот во кој увид имале дописниците на РСЕ во Брисел.
Во извештајот повторно се нагласува дека „билатералните спорови и понатаму се главни пречки во процесот на евроинтеграција, и во претходниот период не е постигнат ниту еден резултат во решавање отворени прашања меѓу соседите“.