РСБСП: Крајно време е да се променат навиките и културата во сообраќајот!

100

Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата (РСБСП) порачува дека е крајно време да се променат навиките и културата во сообраќајот и апелира секој учесник во сообраќајот да преземе поголема лична одговорност, целосно и безусловно да се почитуваат сообраќајните правила и прописи и максимално да се почитува поставената сообраќајна сигнализација.

Тоа, како што велат од РСБСП, е обврска на секој учесник во сообраќајот без разлика дали станува збор за пешак, велосипедист, мотоциклист, или возач.

– Сообраќајните незгоди, загинати и повредени лица на патиштата се наше секојдневие, а свеста, навиките и културата на однесување во сообраќајот и понатаму не се на потребното ниво. Брзо возење, возење под дејство на алкохол, непочитување на сообраќајните правила и прописи, не користење на сигурносни појаси, употреба на мобилни телефони при учество во сообраќај, неетичко, некултурно, неодговорно однесување во сообраќајот и понатаму се главните причини за предизвикување на сообраќајни незгоди со тешки и фатални последици. Најголем дел од учесниците во сообраќајот се единствени во ставот дека сообраќајната култура е на ниско ниво и дека недоволно се почитуваат сообраќајните правила и прописи, но притоа сите ја бараат вината и пропустите кај другите, а истовремено забораваат за сопствената одговорност и сопствениот придонес за побезбеден сообраќај – посочуваат од РСБСП.

Она што дополнително загрижува, додаваат, е фактот што учесниците во сообраќајот во голем дел не се ни свесни за грешките и пропустите кои секојдневно ги прават во сообраќајот и на тој начин одредени опасни појави преминуваат во секојдневна лоша навика која често значи и причина за изгубен човечки живот.

– Последиците од секојдневната слика на која можеме да видиме возачи кои достигнуваат големи и неразумни брзини, во или надвор од населено место, пијани возачи, возачи и патници кои не користат безбедносен појас, непрописно паркирани возила насекаде, мотоциклисти без заштитна кацига, велосипедисти без осветлување во ноќни услови, пешаци кои се движат надвор од тротоарот и кои ја поминуваат улицата таму кај што им е „најзгодно“, итн. ги чувствуваат и ги трпат сите учесници во сообраќајот, а цената за тоа е голем број на изгубени човечки животи – потенцираат од РСБСП.

Во Република Северна Македонија, во просек годишно околу 160 лица го губат животот во сообраќајни незгоди, а околу 6.000 лица се тешко повредени. Само во 2018 година, 133 лица го загубиле животот во сообраќајни незгоди, а 5.860 лица се сериозно повредени.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...