| Вести денес: 0

Рохани: Иран нема да војува против ниту една земја

123

Претседателот на Иран, Хасан Рохани, денеска изјави дека неговата земја нема да води војна против ниту една држава.

Неговата изјава уследи еден ден откако САД објавија дека распоредуваат дополнителен број војници и воена опрема во Персиски Залив.

– Иран нема да води војна против ниедна земја. Тие на кои им се спротивставуваме се група политичари без посебно искуство. И покрај сите напори на Американците во регионот и нивната желба да ги прекинат нашите врски со светот, нивната желба да го држат Иран изолиран, тие не успеаја – истакна Рохани во телевизиското обраќање до нацијата.

Пентагон синоќа објави дека испраќа околу илјада војници и воена опрема на Блискиот Исток како одговор на „заканата“ од Иран.

– Одобрив префрлање на околу илјада војници за одбранбени цели поврзани со закани од воздух, море и копно на Блиски Исток – изјави вршителот на должноста министер за одбрана на САД, Патрик Шанахан.

Според него, Вашингтон не сака конфликт со Иран туку сака да ги заштити американските интереси во Персиски Залив.

Тензичните односи и стравувања од евентуален судир помеѓу САД и Иран се интензивираа откако на 13 јуни во Омански Залив експлодираа еден јапонски и еден норвешки танкер. САД за нападите го обвини Иран, а Техеран демантираше каква било вмешаност во инцидентот.

Техеран вчера објави дека наскоро ќе ја надмине границата на иранските резерви на збогатен ураниум, одредена со Договорот од 2015 година, чија цел беше ограничување на иранските нуклеарни капацитети.

Таквата одлука уследи откако американскиот претседател Доналд Трамп минатата година ги повлече САД од Договорот и воведе нови санкции кон Иран. Техеран минатиот месец предупреди дека ќе започне збогатување ураниум на повисоко ниво доколку светските сили во рок од 60 дена не ја заштитат иранската економија од американските санкции.

Претходно, шефот на кинеската дипломатија Ванг Ји изјави дека Пекинг е „многу загрижен“ поради состојбата во Персискиот Залив и ги повика сите вмешани страни да ги намалат тензиите.

– Ги повикуваме сите страни да останат разумни и да бидат воздржани и да не преземаат чекори кои би воделе кон интензивирање на напнатоста во регионот и да не ја отвораат Пандорината кутија – посочи Ванг.

Неговиот апел посебно е насочен кон САД.

– САД треба да ги сменат своите методи на екстремен притисок. За какво било еднострано однесување нема основа во меѓународното право. Тоа би создало дури и поголема криза – наведе Ванг.

Тој се осврна и на иранскиот нуклеарен договор, посочувајќи оти тоа е единствен пат за решавање на нуклеарното прашање и го повика Иран на разумност.

– Се надеваме дека Иран е внимателен во донесување на одлуките и оти нема лесно да се откаже од Договорот – истакна Ванг.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...