Рот: Се надевам на позитивна оценка на Бундестагот до октомври

134

Германскиот државен министер за Европа, Михаел Рот, изјави дека стратегијата за проширување е од голема важност за ЕУ и се заложи за отворање пристапни преговори со Северна Македонија и Албанија „колку е можно побрзо“.

Тој по пристигнувањето на Советот на министри на ЕУ во Луксембург истакна дека на германскиот Парламент, Бундестаг, му е потребно време да го разгледа извештајот на Европската комисија и да даде „зелено светло“.

– Разбирам дека се работи за важни прашања за партнерските земји, но мораме да му дадеме време на Бундестагот. Се надевам на позитивен исход колку е можно побрзо, до октомври – нагласи Рот.

Тој најави дека ќе се разговара за извештајот за напредок на земјите во процесот за пристапување во ЕУ, кој минатиот месец го објави ЕК, а посебно го нагласи позитивниот развој на настаните во Северна Македонија и во Албанија.

– Пред една година во Луксембург им дадовме на двете земји задачи и мое мислење е дека тие ги исполнија – изјави германскиот министер.

Рот посебно го потенцира постигнувањето на Преспанскиот договор меѓу Скопје и Атина, кој според него претставува пример за храброст и подготвеност за помирување по речиси 30 години несогласување.

– Нашата позиција е најбрзо што може да се договориме за почеток на пристапните преговори. Во прашање е почеток на долги и тешки преговори, но станува збор за кредибилитетот на ЕУ и стабилизирање на демократијата, владеењето на правото и слободата на медиумите во овие две земји кои нема да функционираат без ЕУ – заклучува Рот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...