Суперѕвездата на Португалија, Кристијано Роналдо се надева дека тимот ќе го освои утрешниот судир со Холандија од Лигата на нациите и така да освои нов трофеј.
Тој победи со „морепловците“ на ЕП 2016 по победата со 1:0 над Франција по продолженија, а на ЕП 2004 загуби во финалето со истиот резултат од Грција.
– Кога ќе го облечам дресот на националниот тим, тоа е огромна чест за мене и чувството е поинакво од тоа да играм за клупски тимови. Ова е нашата земја: моето семејство се Португалци, како и пријателите со кои пораснав. Јас пораснав во Португалија, па затоа е посебно да се носи националниот дрес. Исто така е јасно дека шансата да се борам за трофеи го прави ова уште поспецијално – како што беше на ЕП 2004 и ЕП 2016, така и во овој турнир. Три финалиња и се надевам дека ќе освоиме две од три. Тоа би било фантастично и имам вера, тимот исто така. Ние сме позитивни, играме дома. Се надевам дека стадионот ќе биде полн и ќе има добра енергија. Таа да биде насочена кон нас и сите да бидат убедени, бидејќи ќе се обидеме да го дадеме најдоброто од себе. Заедно можеме да станеме шампиони – изјави Кристијано пред официјалниот сајт на УЕФА.
Напаѓачот импресионира со три гола во полуфиналето против Швајцарија, а веќе има 88 гола за својата татковина и 53 „хет-трика“ во целата кариера.
– Ова се должи на мојата подготовка и мојата работна етика. Се уште се чувствувам добро на 34 години. Најважна е мојата глава – да се чувствувам мотивиран и среќен, како и да го следам патот на играч, бидејќи мислам дека се уште имам уште многу што да дадам и се чувствувам многу добро. Холандија е одличен тим. Тие играат прилично добро. Ги гледав во последните нивни натпревари, имаат одличен состав со големи играчи – млади и поискусни фудбалери што го прави тимот посилен. Знаеме дека ќе биде многу тежок противник, но мислам дека и за Португалија и за Холандија, финалето е такво – додаде тој.
ФОТО: EPA / JEAN-CHRISTOPHE BOTT