Романија мета на критики поради спонзорство од „Кока-Кола“

145

Во писмо до претседателот на Европскиот совет, Доналд Туск и до романската премиерка Виорика Дачила, европската организација за заштита на потрошувачите Фудвоч, бара од романското претседателство со ЕУ да го прекине  партнерството со „Кока-Кола“.

Фудвоч алармира дека спонзорството на американскиот гигант „Кока-Кола“ во „срцето на европскиот центар за моќ“, претставува конфликт на интерес и ја загрозува европската демократија, па затоа бара од Европскиот совет и од романското претседателство под итно да му се стави на крај на ова партнерство.

Здружението потсетува дека неодамна беше обелоденета лоби-стратегијата на „Кока-Кола“ против плановите на ЕУ за такса врз шеќерот во пијалаците, тема „која директно го засега здравјето на граѓаните“, пишува Фудвоч во писмото до Туск и до Букурешт.

Еден од приоритетите на романското претседателство со ЕУ е токму безбедноста на храната и заштитата на европското земјоделство. Во наредните месеци, ЕУ исто така треба да разгледа можни ревизии на законодавството за храна, кое ги поставува здравствените и прехранбените стандарди во Унијата, како и прашањето за шеќерот во пијалаците и детската храна.

– „Кока-Кола“ има директни интереси во сите овие области, најчесто овој интерес е спротивен на интересите на европските граѓани кога станува збор за здрава исхрана, стои во писмото на Фудвоч.

Организацијата смета дека спонзорството на „Кока-Кола“ во највисоките сфери на европската моќ, дополнително ќе ја поткопа довербата на европските граѓани во европската политика и ја доведува во прашање транспарентноста и демократијата во ЕУ.

Фудвоч бара од Туск да воспостави јасни правила за идните претседателства со кои „вакви конфликти на интереси нема да се повторат“.

Логото на една од најголемите европски компании први го забележаа неколку новинари од Германија, за време на состанокот на министрите за надворешни работи во Букурешт на 31 јануари.

Учесниците беа примени во сала полна со билборди на кои пишува „системот Кока-Кола гордо го поддржува првото романско претседателство со Советот на ЕУ“.

Букурешт од своја страна порача дека станува збор за партнерство со фирмата. „Кока-Кола“ го спонзорираше и полското претседателство во 2011 година, потсетува невладината организација.

Писмото е испратено вчера, но до сега нема одговор од засегнатите страни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...