Рок енциклопедија ја здрма македонската музичка сцена

Иницијалната идеја на авторот се родила пред две децении, а од 2013 година, активно почнал да работи на нејзината реализација.

1374

Долгоочекуваната Mакедонска рок енциклопедија вчера, пред бројна публика, беше промовирана на платото на МКЦ во Скопје.

Енциклопедијата се протега на околу петстотини страници и е дело на Тошо Филиповски, кој повеќе од 30 години е активен и пасиониран собирач на музички артефакти, изданија и информации за македонската рок сцена. Овој хроничар на времето, во првиот том, со факти го претставува раѓањето и растот на рок сцената во Македонија, симболично од земјотресната 63-та година до денешно време.

Иницијалната идеја на авторот се родила пред две децении, а од 2013 година, активно почнал да работи на нејзината реализација.

„Од моментот во 2013 година, кога ја донесов одлуката да работам сам, до денешен ден, успеав да одржам континуитет во собирање приказни, разговори со луѓе, „копање“ по стари списанија и запишување. Во тие почетни години, сѐ уште немав јасна слика како треба да изгледа крајниот производ, на што треба најмногу да внимавам и од кои замки треба да се чувам. Започнав со достава на прашалници на повеќе од илјада македонски музичари. Врз база на одговорите, планирав да ја оформам основата на секоја биографија. Две години подоцна, резултатите беа катастрофални, а фидбекот од музичарите минимален. Иако, според добиените резултати, бев повторно на почеток, во тие две години исчекување, многу работи ми стана појасни“, пишува Филиповски во предговорот на Енциклопедијата.

Во Енциклопедијата, по азбучен ред, е претставена работата на 333 музички бенда, се спомнуваат околу 2.500 луѓе, а објавени се околу 400 фотографии.

– Издавањето на Македонската рок енциклопедија е важен момент и од апсект на континуитет, од историски и културен аспект, но и од рокенрол апсект. Ова е еден од важните трудови што се направени во нашата издавачка дејност. Првото значење на енциклопедијата е во она, што го викаме, чиста информација. Второто значење пак, е континуитетот во години на она што се случувало на музичката сцена кај нас. А, тоа е рокенролот кој ослободил силна енергија и ангажирал многу млади луѓе кои сакале да влезат во таа авантура – објаснува Алјоша Симјановски, публицист и ТВ документарист.

За важноста на Енцикопедијата за рокенрол сцената во Македонија, се согласуваат и други музичари.

– Енциклопедијата опфаќа период од раните шеесетти години до современо време. Таа е потрвда на целото тоа битисување и работа на еден куп бендови и жанрови кои се водат под името рокенрол. Тука спаѓа и поп музиката, панк музиката и сите деривати на рокенролот – вели Слободан Стојков, музичар, композитор и професор по хармонија.

Но, дали насловот на книгата ја оправдува содржината во неа?

– Секако дека го оправдува, бидејќи многу од тие музичари кои оставиле белег во македонската музика и оние кои само се обиделе, сега се статистички забележани. Така, Енциклопедијата е ризница и статистички регистер – кој сѐ свирел и како свирел, за утре, младите генерации кои ќе се бават со рокенрол, како и музиколозите, да имаат доказ што се работело – додава Стојков.

Музичарот Владимир Петеровски – Картер смета дека тоа што имаме музика, значи, дека имаме корени, а без музика не може да има и народ.

– Во музиката точно се одразува целото наше живеење. Ваквата Енциколпедија ги запишува тие моменти за да останат за иднина. Јас сум автор на слични документарци, но пишаниот збор секогаш останува. А, ако не се стави таа музика во пишан збор или на видео, исто како да не постои – вели Картер.

Музичарот Петар Георгиевски – Камиказа, пак, смета дека овој подгвиг заслужува поголемо внимание и поангажирана промоција.

– Ова е едно капитално дело на македонската рок антологија во музиката и заслужува многу поголемо внимание. Промоцијата ме потсетува на 70-те години, кога се правеа некакви приредби пред Дом на млади, и тогаш беше подобро организирано од сега. Вакво епохално дело, со епохални луѓе кои обележале повеќе од половина век во македонската рок музика, заслужува многу повеќе од ваква промоција – забележува Камиказа.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...