До овој момент во Кривичниот суд во Скопје пристигнале вкупно 57 барања за амнестија на лица кои се опфатени во предметите со настаните од 27 април.
Од овие 57, 27 се во актуелниот случај кој е во доказна постапка каде обвинети се 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста и двајца за помагање. Од овие 33 само еден до судот поднел изјава дека нема намера да бара амнестија.
Станува збор за Јане Ченто кој јавно и во судница го кажа тоа. Покрај него, за потсетување во судница и Игор Југ рече дека нема да бара амнестија зашто не сака политичките елити, туку судот да му пресудат. Тоа значи дека од тие 33 обвинети досега барање не поднеле само четворица, но не значи дека до крајот на денот нема да поднесат или можеби истото го испратиле по пошта, па ќе стигне во текот на утрешниот ден.
Вкупниот број на лица опфатени со сите случаи поврзани со 27 април се движи околу 70. Во останатите предмети досега амнестија побарале 30 лица.
Од судот не прецизираат со име и презиме кој поднел, а кој не, но има барања од повеќето предмети.
Како што е познато, меѓу останатите случаи поврзани со крвавиот четврток се: обидот за убиство на Зијадин Села каде осудени се седум лица, уште две лица кои првично беа обвинети во овој предмет, а потоа обвинителството направи преквалификација, девет пресуди за учество во толпа, осудениот напаѓач на Радмила Шекеринска, два случаи за насилство кои се уште се водат пред првостепениот суд.
Секој од нив може да поднесе барање за амнестија, но тоа не значи дека сите ќе добијат. Во Законот кој си го скроија пратениците пишува дека нема да има амнестија за делата насилство, убиство, здружување заради непријателско дејствување, како и за дел на оние кои се товарат за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста односно оние кои ова дело го сториле на тој начин што биле со прекриен идентитет – носеле фантомки, носеле оружје, извршиле насилство и постапиле спротивно на службените овластувања.
Рокот за барањата истекува денеска. Откако судот ќе ги прибере сите сите, ќе ги испрати на мислење до обвинителството. Кога обвинителството ќе даде мислење судот ќе има рок од 5 дена да одлучи кој ќе се спаси.