Родителите ја однеле ќерката на Гинекологија, социјални работници утврдуваат може ли таа да се грижи за рожбата

3562

Мајката која вчера го оставила своето бебе кај мајка си во населбата Стар Аеродром, и по која се трагаше, е хоспитализирана на Клиниката за гинекологија и акушерство и  нејзе во секој миг треба да ја посетат социјални работници, дознава Плусинфо.

Од полицијата информираат дека мајката синоќа околу 21 часот се вратила дома, по што родителите ја однеле на преглед на Клиниката за гинекологија.

Мајката е од Велес, а за овој драматичен случај, кој од вчера ја вознемири јавноста во земјава, биле алармирани и социјалните работници во велешкиот центар.

– Го лоциравме случајот, за кој е информиран велешкиот центар и тие го водат, бидејќи мајката се води дека е од Велес. Социјални работници одат да ја посетат мајката која е сместена на Клиниката за гинекологија и акушерство – ни изјавија од Министерството за труд и социјални работи.

Бебето, кое било донесено во состојба на дехидрираност вчера на Детската клиника, но без знаци на повреда, како што отпрвин имаше сомнежи, за среќа, сега е во стабилна состојба и веќе почнало да се храни. Бабата го пријавила случајот во полиција.

Во врска со тоа дали на мајката ќе ѝ биде поднесена пријава за тоа што го оставила бебето, надлежните велат:

– Мајката го оставила бебето во семејството. Во интерес е новороденчето да остане во семејството, а социјалните работници вршат проценка на случајот – изјавија од Министерството.

Не се знае сѐ уште од кои причини мајката го оставила штотуку роденото бебе на својата мајка, па социјалните служби ќе проценуваат дали можеби е постпородилна депресија во прашање, нерешени семејни односи или нешто друго.

Потоа ќе биде донесен заклучок дали грижата за новороденчето ќе ѝ биде препуштена на мајката, на некој од блиското семејство или можеби старателство ќе биде доделено на некој трет – центар за социјални работи.

Полицијата презема мерки за целосно расчистување на случајот.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...