Родители од Скопје реагираат дека Министерството за образование си поигрува со нивните деца затоа што на веб страницата е-учебници не им се достапни сите електронски учебници, а чии печатени изданија се заглавени во тендерската постапка и покрај препораките што им ги даваат наставниците на основците дека на интернет може без пари да ги најдат сите книги што им недостигаат.
Кога ќе кликнеш, велат родителите, за да ги симнеш е-учебниците по математика, биологија, историја, музичко образование, потоа македонски јазик за паралелките со наставен албански и турски јазик, албански јазик и книжевност и уште неколку други, со црвени букви пишува дека „поради заштита на авторски права, МОН не е во можност да го објави учебникот“.
– Наставниците си играат играчки со нашите деца. Им велат дека учебниците кои недостигаат можат да ги најдат на инернет и од таму дека ќе можат да ги симнат и да учат од нив. Кога ја отворате страницата на е-учебници по основните предмети на пример математика и биологија за седмо одделение пишува дека учебникот не може да се објави. Зошто ги лажат децата, ако не ги откупиле авторските права, а нас дека образованието е бесплатно? Почесно ќе беше на родителските средби да ни кажеа да се снаоѓаме како знаеме и умееме, а не дека проблемот е решен за секој оној што има пристап до интернет – вели револтиран родител на ученик во седмо одделение од Скопје.
На нашето прашање, како се снаоѓаат да ги обезбедат потребните книги за своите деца, родителите на шега велат „како во судентските денови, со скрипти, фотокопирници, земи од сосед, од пријател, од роднина и копирај“.
Министерството за образование во неколку наврати досега објаснуваше дека единствена причина за доцнењето на учебниците се долгите тендерски постапки пропишани во Законот за јавни набавки, но ниту еднаш не одговори зошто педагошките служби кои ја подготвуваат процедурата за издавање на учебниците барем еднаш во последниве пет гоини, не се прилагодија на роковите во тендерската постапка во која многу прецизно се предвидени термини и за поднесување на понуди, за нивно разгледување и за жалбена постапка.
Во воздух виси и прашањето како ниту еден министер за образование во последниве пет години, колку што трае учебникарската голгота не го реши проблемот, туку се користи само за политички поени и обвинувања на опозициските партии. Тоа во времето на министерот за образование Никола Тодоров, беше СДСМ, а сега ВМРО – ДПМНЕ која обвини дека „тромоста на тендерската постапка може да се најде во тежината на тендерот која изнесува некаде околу 5 милиони евра односно 330 милиони денари од кои што 55 милиони денари за превод, а 270 милиони денари за техничкото изготвување на учебниците“.
Во Министерството за образование велат дека тенденциозни се тврдењата на опозицијата дека учебниците ќе стасаат дури по 20 јануари, во второто полугодие и тврдат дека јавната набавка и електронската аукција за учебниците е завршена. Во текот на оваа недела треба да се потпише одлуката за избор на најповолна понуда и учебниците кои не биле отпечатени во последните четири – пет години, по што ќе бидат отпечатени и дистрибуирани до сите училишта.
Учебниците по македонски јазик, по географија, историја и музичко се ексклузивно право на МОН, но за нив се води постапка, а кога таа ќе заврши и тие ќе бидат отпечатени.
Министерот за образование и наука, Арбер Адеми завчера објасни дека треба да се направи една мала дистинкција кога станува збор за учебниците кои се откупуваат од издавачките куќи, а кои се дистрибуирани во сите училишта и оние учебници за кои МОН го има ексклузивното право и за кои се распишува јавна набавка за печатење.
Тој потврди дека во последните четири-пет години не се реализирала таква јавна набавка – секогаш била поништувана пред некоја втора инстанца или судски инстанци. Според оптимистичката најава на министерот Адеми, оваа недела таа постапка ќе заврши и ќе се избере најповолен понудувач, по што се наѕира крајот на неколкугодишната голгота на родителите и учениците, кои завршија третина од образованието без учебници.