Родителите не ги познаваат доволно своите деца

430
ФОТО: Архива

Родителите не ги познаваат доволно своите деца, барем не сите. Согласно Годишниот извештај за работата на Државниот Совет за превенција на детското престапништво, за 2014 година, констатирано е дека: „95% малолетници на кои им се изречени заштитни мерки согласно Законот за детска правда, потекнуваат, за жал, од комплетни семејства“. Значи, сликата веќе е изменета. Во изминатиот период на прво место беа малолетници од домовите за деца без родители, потоа деца во семејства со еден родител а сега се деца од семејства со два родитела.

Плусинфо разговараше со Миле Гиновски, член на Државниот совет за превенција на детското престапништво, орган при Собранието на Република Македонија, магистер по криминологија, советник за решавање на социо девијантни појави во воспитно образовниот процес во Министерството за образование и наука и член на Меѓуресорската комисија за опојни дроги при Владата на РМ.

– Оваа појава ја следиме редовно, согласно Законот за детска правда. Факт е дека врсничкото насилство кај младите во изминативе години е во пораст. Тоа го констатиравме и ние како Совет – рече Гиновски за Плусинфо.

Тој појаснува дека има Национална стратегија за превенција на детското престапништво. Состојбите во оваа сфера Државниот совет ги следи според 32 унифицирани индикатори кои се доставуваат до различни институции, Врховниот суд, Основните судови, сите обвинителства, МВР (полициски станици), МТСП (центрите за социјални работи).

– Семејството, карактерот на личноста, училиштето, соседството, врсниците, социјалните мрежи и слично, се едни од позначајните фактори на ризик кои доведуват до појава и развој на детското престапништво манифестирано преку најразлични форми – рече тој.

Како долгогодишен превентивен работник во оваа сфера, тој смета дека најголемиот проблем лежи во семејството, кое треба навреме да се вклучи во превенцијата како најнеексплоатирана област досега во РМ.

– Непобитен е фактот дека денес воспитната функција, која има клучно значење за развојот и опстанокот на младата личност, во практиката во голем дел е занемарена во институциите, семејствата и училиштата во изминатите неколку години. Паралелно со оваа констатција, за жал, подолго време денес меѓу родителите е присутна познатата балканска психологија дека „Секое друго дете може да згреши, да направи прекршок, престап, кривично дело и сл. само моето не, никако!“. Родителите реагираат само тогаш кога нивните деца ќе станат жртви, но истите затајуваат, замижуваат, кога тие се посочени како „главни јунаци“ насилници. Тука е и констатираната оттуѓеност на децата од родителите. Сето тоа упатува на заклучокот дека тие доволно не ги познаваат своите деца – нагласи Гиновски.

Тој апелира родителите да го следат однесувањето на своите деца секаде и во секое време. Да ги следат нивните постапки, да ги мерат нивните ставови за повеќе аспекти од општествено живеење. Денес тоа не го прават, во доволна мера, голем број родители.

Истото треба да го прават и воспитно-образовните институции. Двете овие клучни институции треба навреме да ги детектираат проблемите што е предуслов за нивно брзо и успешно решавање. Според него, особено по последните неколку настани,  запалено е црвеното светло кое, според загриженоста, повикува на будност од причини што главни актери во овие процеси се деца-малолетници.

Гиновски додаде дека треба да се реагира навремено и да се превенира, зашто ако се задоцни, изместените работи тешко се враќаат во нормала.

Во тек е подготовка на прашалник, информира Гиновски, преку кој Државниот совет ќе го детектира овој проблем, поточно факторите на ризик, со цел да се дојде до квалитативни подтаоци.

– Работев едно време и во затворот КПД Идризово, како и во Министертвото за правда, Управата за извршување на кривични санкции при што беа следени состојбите со малолетниците во ВПД Тетово. Според познати студии, надвор од земјава, значаен е „циркуларниот криминалитет“ кој упатува на тоа дека ако таткото е насилник, голема е веројатноста и детето подоцна да биде тоа. Децата се огледало на родителите – смета Гиновски.

Државниот совет наскоро ќе посвети внимание и на овој сегмент значаен за детектирање на факторите на ризик. Поради сериозноста на овој крајно загрижувачки проблем Државниот совет на својата редовна 80-та седница, која е планирана за 9 октомври, ќе расправа и ќе донесе свои заклучоци и препораки за кои ќе биде информирана пошироката макеоднска јавност.

– Ќе предложам во училиштата да се формираат трипартитни совети, тела составени од наставници, родители и ученици. Неопходна е и широка едукација на сите нив, заради препознавање на факторите на ризик и градење вештини за навремено избегнување на пороците и други социо-девијантни појави од страна на младите. Досега Министерството за образование и наука има имплементирано три програми во пилот училишта во државата. Се работи за програмите „Правна социјализација на младите“, поддржан од американската амбасада, „Зајакнување на семејството“ и „Вештини за тинејџери“, поддржани од UNODC (Канцеларијата при Обединетите нации за борба против дрогата и криминалот) – додаде Гиновски.

Тој заклучи дека, само со сеопфатна и навремена едукација на учениците, родителите и наставаниците, можат да се постигнат големи позитивни резултати во превенцијата.

– Во тек е опсеравација на неколкуте случаи на манифестирано врсничко насилство што го спроведуваат компетентни лица и институции и тогаш ќе се добие вистинската слика за тоа што понатаму и за тоа каква превентивана стратегија ќе се изгради – заврши Гиновски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...