Во Министерсвото за образование (МОН) велат дека неоправдани се реакциите на родителите, но и на Младинскиот образовен форум (МОФ) дека квалификациските тестови што утре треба да ги полагаат средношколците во гимназијата „Орце Николов“ во Скопје биле најавени пред два дена и дека учениците се ставени во улога на заморчиња врз кои, како што обвини МОФ, неоправдано се прават експерименти.
Проблемот во оваа гимназија настана кога за 285 слободни места, се пријавиле 400 кандидати, од кои 330 биле со сите петки. Родителите на учениците побараа од МОН да отвори дополнителна паралелка или да ги распореди учениците во постоечките девет одделенија, но нивното барањето не беше прифатено.
– Во Конкурсот за упис во средните училишта во учебната 2018/2019 што го објавивме на 31 март јасно пишува дека во случај да нема слободни места за запишување на сите пријавени кандидати, ќе се организира квалификациско тестирање. Така што таа информација родителите на учениците можеле да ја видат пред повеќе од два месеца, настрана што станува збор за можност која е предвидена и со закон – велат од Министерството за образование за Плусинфо.
Според МОФ, иако тестирањето е наведено во конкурсот за упис во средните училишта, временската рамка за подготовка е многу тесна. Од моментот на објавата на првичната ранг листа, до изведувањето на тестирањето, велат од Младинскиот образовен форум, учениците имаат нецели два дена да се подготват за два теста.
„Тестирањето е навистина важно за идните средношколци од причина што овие резултати директно влијаат на нивното понатамошно образование. Нефер и неразумно е што учениците повеќе немаат учебници за предметите за кои ќе бидат тестирани. Ова се случува од причина што државата им ги дава на бесплатно користење на учениците, а истите мора да се вратат во училиштата за да се земе сведителството за завршено деветто оделение, кое е потребно за упис во средно училиште“, реагира МОФ.
Тестовите по македонски јазик и по математика што утре ќе ги полагаат учениците кои не успеаја да се запишат во скопската гимназија, Министерството за образование ги подготвува заедно со Бирото за развој на образованието.
Додека надлежните се подготвуваат за тестирање, родителите на учениците пак бараат средба со надлежните, а претходно испратиле петиција до МОН за да нема полагање затоа што, како што велат, со неа се вршела дискриминација.
Во МОН велат дека законодавецот прецизно пропишал како да се постапи во случај на зголемена заинтересираност за запишување средношколци во училиштата над дозволената квота и дека немаат дискриминирачки однос кон учениците кои сакаат да се запишат во „Орце Николов“ затоа што тестирање ќе има и во други две средни училишта во земјава.
Освен во скопската гимназија квалификациско тестирање ќе има и во средното медицинско училиште „Д-р Панче Караѓозов“ и тоа за стручно образование- здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик, како и во средното училиште „Димитар Влахов“ во Струмица за стручно образование-здравствена струка за образовниот профил медицинска сестра на македонски наставен јазик.