Вие ни ја ветивте вистината ама има тука еден центар што управува со судот. Предлагам да ги сослушате мајките што го лажел премиерот Заев. Ние веруваме дека тоа е контролирано од тој центар и шесте функционери од ДУИ чие идентите се кријат како тајна. Не им е во интерес да заврши овој случај. Сослушајте ги мајките што ги лажел, тоа не го зборува ниту тазе излезен пациент од Бардовци, емотивно реагираше Горан Наќеваки, татко на едно од убиените деца кај Смилковако езеро, и останатите родители откако денешното рочиште за „Монструм“ се одложи бидејќи еден од судиите, Осман Шабани, од вчера заминал на боледување.
„До кога вака ќе правите?”, „Претходниот судија го легнаа во кревет среде лето кога ВМРО-ДПМНЕ и ДУИ се договараа за состав на влада“, беа дел од реакциите на родителите.
– Нема никакви игри. Се беше спремно денеска да работиме. Судијата отишол дома вчера, пред пола саат претседателот ме викна и ми објасни дека е на боледување. Претпоставувам дека не е нешто посериозно. Термините 22 и 24 август важат и не ги менувам… Се надевам дека тогаш 100 отсто ќе се створат услови за работи и ќе го работиме тоа што треба, и јас првпат ќе бидам соочен со тој човек што ќе зборува како загрозен сведок – одговараше судијата Огнен Ставрев кој закажа уште еден термин за судење, 31 август.
Обвинителите од СЈО, рекоа дека се спремни да доаѓаат на рочишта кога и да било.
Денеска требаше да се сослуша загрозениот сведок во „Монструм“, а јавноста за првпат ќе го слушнеше неговото сведочење. Меѓутоа, поради боледување на судиите рочиштето се одложи.
Рочиште за исказ на овој сведок беше закажано и за минатата недела, на 5 јули, но беше одложено поради недостиг од технички услови за сослушување односно услови со кои ќе се скрие идентитетот на сведокот.
Предметот „Монструм“ е отворен за петкратното убиство кај Смилковско езеро, сторено на 12 април 2012 година, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, а во првичната постапка на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.
Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.