Министерството за надворешни работи молчи по скандалозната изјава на турската амбасадорка во Македонија Тулин Еркал Кара дека училиштето „Јахја Кемал“ е терористичка организација, иако како што дознаваме од училиштето, родителите побарале и од МНР и од Министерството за образование да го осудат говорот на омраза и да го заштитат интегритетот на учениците.
ПСУ „Јахја Кемал“, е македонски бренд, училиште кое има добиено највисока оцена за својата работа од официјалните инситуции во Македонија, односно од Министерството за образование, a и признанија од престижни инситуции во светски рамки, велат од средното училиште, чии ученици и годинава се закитија со златни и сребрени медали на меѓународни натпревари.
-Ако амбасадорката има докази нека ги приложи на надлежните институции, па судот нека утврдува кој е терорист. Нејзината изјава е навредлива за училиштето и за родителите кои ги запишале своите деца во нашата установа, а учениците постигнуваат големи успеси на меѓународни натпревари. Од нашето училиште излегуваат научници, а не терористи – вели Суриja Таук, директор за односи со јавност на средното училиште „Јахја Кемал“.
Плусинфо побара реакција од МНР, но се уште нема одговор ниту на нашето прашање дали ќе и биде испратена протестна нота на амбасадорката Кара.
Во училиштето велат дека не стивнуваат реакциите на родителите, кои се обратиле и во МНР и во Министерството за образование со барање да се осуди говорот на омраза искажан од турската амбасадорка и да се каже вистината за училиштето.
Директорот Таук вели дека на меѓународен напревар на Универзитето во Кембриџ, девет ученици од училитето „Јахја Кемал“ во Струга и двајца ученици од училиштето во Струмица под менторство на наставникот по математика Реџаи Генчели освоија 18 златни, 6 сребрени, 6 бронзени медали и 8 пофалници. Претходно освоиле награди и во Кенија, каде во Наироби од 6 април до 9 април 2018 се одржа Осмиот по ред Golden Climate International Environmental Project Olympiad (Олимпијада на проекти “Златна клима” ). Во конкуренција од 1.000 проекти од 19 земји и во финалето учениците од „Јахја Кемал“ се пласираале со 4 проекти со 7 ученици.
Според Министерството за образование, законот и контролата се спроведува во сите регистрирани јавни и приватни училишта во земјава. Во тој контекст училиштето „Јахја Кемал“ не е исклучок. МОН потести дека верското организирање во училиштата е забрането и сите граѓани имаат право да поднесат претставка до Државниот просветен инспекторат.
Изјавата што предизвика осуда и реакции турската амбасадорка ја искажа на промоција на фондацијата „Мариф“ во Скопје каде што повика родителите да се борат против училиштето „Јахја Кемал“, нарекувајќи го терористичка организација.
Изјавата на амбасадорката ја пренесе „Порталб“:
„Апелирам до сите вас и до јавноста, дојдете, сите заедно, нашите деца да ги регистрираме во училиштата на Фондацијата „Мариф“. Доколку ние како родители не сакаме нашите деца во иднина да бидат терористи, треба да ги насочиме во училиштата на „Мариф“, бидејќи „Јахја Кемал“ не нè претставува нас. Дојдете да се бориме против оваа терористичка организација, на суштински начин, и тоа да не остане само на декларативно ниво“, изјави амбасадорката Тулин Еркал Кара.