Роденденски концерт на Филхармонијата со кинеската пијанистка Зи Зи

102

По повод 75-годишнината од формирањето, вечерашниот симфониски концерт на Филхармонијата е симболично насловен „Среќен роденден“, а како солист ќе настапи кинеската пијанистка Зи Зи. Со оркестарот ќе диригира Борјан Цанев, а на програмата се Концертот за пијано и оркестар од Јоханес, „Фантазија корале“ од Томислав Зографски и варијациите „Среќен роденден“ од младиот македонски композитор Филип Иванов.

– Имагинативна и возбудлива, кинеската пијанистка Зи Зи е една од најуникатните појави меѓу новата генерација пијанисти. Критичарите ја опишуваат како „полна со ентузијазам, гламур, младешка енергија“, а за нејзините изведувачки капацитети велат дека „може да ги пренесе слушателите во друга реалност“. Критичарите не ги штедат зборовите и за нејзината креативна зрелост, пишуваат дека таа во своите изведби е „моќна, страсна, полна со чист артизам“ – соопшти Филхармонијата.

Зи Зи почнала да учи пијано на пет години во Германија. По враќањето во Кина станала една од најзначајните млади пијанистки и настапува во водечките кинески оркестри. Своето музичко образование го комплетира на „Џулијард“ во Њујорк. Добитничка е на голем број награди, меѓу кои и на главната награда на натпреварот „Кралица Елизабета“ во 2013 година.

Оркестарот на Филхармонијата во изминативе 75 години активно музицира, изведувајќи комплексни дела, со врвни солисти и диригенти кои во моментов се актуелни на светската музичка сцена.

Филхармонија е единствена институција во земјава која го афирмирира и изведува симфониското музичко творештво. Преку редовните концерти ја етаблира и промовира класичната музика, приближувајќи ѝ ја оваа форма на музицирање на разнородна публика од различни генерации.

– Со различни програмски концепти – од строго класични до оние наменети за најмладите, како и масовно посетените концерти кои традиционално се одржуваат во Градскиот парк, Филхармонија успеа да таргетира широк аудиториум кој редовно ги следи сите содржини. Токму преку разнородниот програмски концепт кој, главно, ротира околу класиката, со повремени концертни содржини кои излегуваат надвор од строгите рамки на т.н. железен репертоар, Филхармонија во последниве години успеа да регрутира нова, помлада публика – наведува Филхармонијата која денес слави 75 години. 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...