Робија си е робија, но условите во затворот К’шање и не се толку лоши, велат двајца осуденици во оваа казнено-поправна установа. Еден од нив, осуден на 14 месеци затворска казна, додека помагаше во изведување градежни активности при тампонирање на патот, ги спореди условите со Идризово, каде што бил шест месеци.
– Таму е гадно, одвратно, а во К’шање условите се значително подобри. Храната е солидна, кој сака може да му донесат нешто од дома. Лично не сум имал проблеми со никого, ниту со затворската полиција ниту со затворениците – вели осуденикот.
Друг осуденик кого го сретнавме во амбулантата рече дека единствен проблем за нив бил недостигот на вода, па немале можност да ја одржуваат личната хигиена. Сега, додава, и тој проблем е надминат.
– Патот сега се гради, проблемот со водата е надминат. Да се разбереме, овде не е хотел, но условите се сосема солидни, секој ден имаме готвена храна. Јас сум тука пет месеци, на половина пат сум до крајот на отслужувањето. Досега не сум имал проблем со никого. Затвор како затвор, секој треба да си ја понесе одговорноста, но ако зборуваме за услови, може да кажам солидни – вели овој млад човек на почеток од дваесеттите години.
Казнено-поправната установа Куманово, или позната како затвор К’шање, поради тоа што е сместена во атарот на ова село е релативно нова установа. Беше пуштена во употреба во 2013 година. На површина од над 5.000 квадратни метри, затворот располага со 13 притворски ќелии, 34 затворски, без самици, современ видеонадзор.
Затворот е сместен на височинка, неколку згради споени во едно. Се забележуваат соларни панели, убаво уреден двор со фонтана. По поминувањето на протоколите се влегува во затворот. Доста е одржуван, нема отпадоци. Ходниците се чисти. Во ходникот кај осудениците релативно е чисто. Некои од нив сушат алишта, иако во затворот има пералница. Некои од собите се неуредни, некои сосем пристојни. Чуварите објаснуваат дека тоа зависи од самите осуденици. Она што е заедничка просторија во затворот изгледа доста средено и одржувано. По пет и полгодишното функционирање, условите се на задоволително ниво, исто и хигиената во некои простории, но не во сите. Во неколку соби дел душеци веќе се застарени.
Двајцата осуденици раскажаа дека е релативно мирен затвор, без посериозни инциденти, без тепачки, рекети, изнуди. По условите, меѓу затворениците е познат и како македонскиот Шевенинген.
Во затворот неодамна, првпат од неговото отворање, осудено лице кое не користи погодности, не излегува на викенди, склучило брак со својата избраничка.
Затворот често го посетуваат невладините организации и заменик-народниот правобранител од Куманово, во чиишто извештаи од пуштањето во употреба на затворот до неодамна како проблем се наведуваше недостигот на вода.
Директорот на установата Марјан Спасовски во зимскиот период информираше дека имаат проблем со дистрибуција на храна и лекови поради високите наноси од снег што го оневозможија сообраќајот на овој пат. Затворот се наоѓа на 1,3 километар оддалеченост од регионалниот пат Куманово – Свети Николе. Овој макадамски пат беше проблем за затворската управа, затоа со поддршка од Општина Куманово се става гребен асфалт.
– Релативно нов затвор. За жал, таков капитален објект бил пуштен во употреба без соодветна инфраструктура, водоснабдување и без приоден пат. За неполни две години откако сум назначен за директор ги решивме овие проблеми, вклучително и на спровод на притворените и осудените до судот, до болницата. Патот се тампонира. Водоснадбувањето го решивме со помош на општествено одговорни компании, извршивме градежен зафат и сега имаме континуирано водоснабдување – изјави Спасовски.
Тој во изјава за МИА вели дека ги штитат правата на осудените и на притворените лица.
Заменик-народниот правобранител Насер Весели секој четврток е во установата. И тој потврдува дека условите во затворот делумно се подобрени во однос на водоснабдувањето.
– При последната посета некои осудени се пожалија дека немаат вода на вториот кат и дека биле принудени да полнат вода во кујната или купатилото, иако мора да признаам дека има интерес од менаџментот за решавање на овој проблем, кој делумно е решен. Некои се жалат и дека долго време чекаат на префлрување во болницата и покрај упат од лекар, при што од затворската управа им било кажано дека немаат доволно превозни средства. За ова не може да се бара вина само во затворот, туку и во ресорното Министерство и во Управата за извршување санкции. Некои се жалат и на селективност, давање посебен третман на некои осуденици при префрлање од затворот во полуотвореното одделение – изјави Весели.
Во затворот функционира и амбулатна. Добро е снабдена, уредна и чиста со релативно нов мебел, полици, опрема, сè што е потребно за примарна здравствена заштита. Осудените и притворените лица добиваат примарна здравствена заштита. Ги лекуваат лекари од Здравствениот дом Куманово, еднаш неделно имаат психијатар, двапати месечно стоматолози.
– Мислам дека во секој затвор во светот, па и овде, најчесто осудениците бараат антидепресиви, им се даваат препорачани од психијатар. Дневно има по триесетина прегледи. Во овој период полно е притворското одделение, бараат да им се измери притисок, некоја витаминска терапија, најчесто Б6 – изјави Александар Јоцевски, медицински техничар вработен во Здравствен дом Куманово.
Кога го посетивме затворот, двајца затвореници му помагаа на готвачот за приготвување на ручекот. На менито чорба, леќа.
Храната, појаснува готвачот Миладин Ѓорѓиевски, се приготвува по претходно подготвен тендер со комисија согласно буџетот од кој произлегуваат менито и количните.
– Секој ден има разновидна исхрана, се приготвува свежа храна, само во исклучителни ситуации добиваат сув оброк, ако снема струја. Редовно доаѓаат инспекции, го проверуваат квалитетот на продуктите, квалитетот на водата – појаснува Ѓорѓиевски.
Кујната е чиста со нови современи апарати.
Затворениците можат и да спортуваат, имаат простор за шетање и вежбалница. Спасовски најави дека ќе ја доопремат со потребни справи за вежбање. Функционира и библиотека. Од затворот велат дека имаат редовни читатели. Оваа установа соработува и со НУЦК „Трајко Прокопиев“. Веќе во неколку наврати кумановскиот театар играше неколку претстави пред осудените. Програмата за ресоцијализација е на завидно ниво. Во затворот има две работилници, пекарска и браварска, во кои затворениците се усовршуваат за овие занаети, а добар дел изминативе години добија уверенија за стручно завршени обуки преку проект на Министерството за образование и наука, УНДП и Управата за извршување санкции.
Затворениците од К’шање изработија мобилна библиотека за градот и дрвени куќички за птици, кои им ги подарија на неколку установи во Куманово. Тие се вклучени и во општокорисна работа и помагаат во уредување на зелените површини во Куманово во соработка со јавното претпријатие „Чистота и зеленило“.
– Условите во ниеден затвор во светот не се идеални, но можам да кажам дека оваа казнено-поправна установа е најдобра во државата, барем по условите – заклучува Спасовски.
Капацитетот на затворот е 250, од кои 200 за осуденици за полесни кривични дела за примарни сторители на кривични дела до три години или рецидиви до една година и 50 лица во притворско одделение. Ова е единствена казнено-поправна установа со притворско одделение во североисточниот регион.
Александра Максимовска
ФОТО: МИА