Според американскиот глумец Ричард Гир, италијанскиот министер за внатрешни работи и лидер на десницата – Матео Салвини е „мал Трамп”, кој ги искористува стравовите на луѓето за да добие гласови.
– Вашиот министер за внатрешни работи има ист менталитет како претседателот Трамп. Всушност, Салвини е мал Трамп. Го има истото очигледно незнаење и радикалност, искористувајќи го стравот и омразата кај луѓето – изјави Гир за италијанскиот весник „Кориере дела сера“.
Гир (69) пред две недели се судри со Салвини околу хуманитарната организација Опен Армс, кога Италија забрани укотвување на брод со стотина мигранти. Глумецот го посети тој брод и им однесе храна на мигрантите, а Салвини притоа го повика „да ги одведе луѓето во Холивуд и да ги прими во своите вили”.
– Ако вашиот министер за внатрешни работи мине малку време со тие луѓе, да ги слушне нивните приказни и семејни трауми, ќе го промени својот став – изјави Гир, додавајќи дека би сакал да се сретне со Салвини, оти е убеден дека тој не е таков каков што се претставува во јавноста.
– Тој има семејство, деца, родители. Но, политиката ја користи како средство за зајакнување на поддршката. Животот може да биде едноставен ако си искрен и говориш од срце – нагласи глумецот.
ФОТО: EPA / JuanJo Martín