Ристeски обвинет оти поставил директорка без доволно искуство

691

Прилепското јавно обвинителство поднесе обвинение поранешниот градоначалник на Прилеп Марјан Ристески за несовесно работење. Обвинетиот се товари дека во својство на службено лице-градоначалник на Прилеп несовесно постапувал во вршењето на своите овластувања и должности.

– Според обвинителниот предлог, осомничениот го извршил делото на начин што по објавената одлука од страна на Управниот одбор на ЈОУ Дом за стари лица „Киро Крстески Платник“ од Прилеп и распишаниот јавен конкурс за избор на директор на јавната установа во кој како посебен услов било предвидено работно искуство од четири години по дипломирањето, донел решение со кое за директор на Домот избрал кандидатка која во времето на изборот имала работно искуство од две и пол години  по дипломирањето и не го исполнувала посебниот услов предвиден во конкурсот – велат од Обвинителството.

Од таму додаваат дека за лицето кое било избрано за директор со решение било отфрлена кривичната пријава за злоупотреба на службена положба и овластување. Надлежен јавен обвинител утврдил дека пријавеното дело не е кривично дело кое се гони по службена должност.

– Во конкретниот случај не произлезе дека осомничената на некаков начин ја искористила својата службена положба или овластување, дека ги пречекорила границите на своето службено овластување, па со тоа за себе или за друг да предизвикала некаква корист или на друг да му предизвикала некаква штета, ниту пак ова кривично дело е сторено при вршење јавни набавки или пак на штета на Буџетот на РМ. Надлежниот јавен обвинител утврди дека незаконските дејствија со изборот на осомничената за директор иако таа не го исполнувала посебниот услов наведен во јавниот конкурс ги сторил оној кој го извршил изборот- велат од Прилепското обвинителство.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...