Ристоска: ВМРО-ДПМНЕ има замрзнат имот и има право да доаѓа на судења за Талир 2

1838

За да се доуредат полномоштвата на странките во случајот Талир 2 посочи судечкиот совет и го одложи денешното судење за 15 октомври. За овој предмет кој се однесува на изградбата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, обвинителката Ленче Ристоска предложи да се повика и претставник на партијата.

– Со оглед дека во предметот определени се мерки за обезбедување на имот евидентиран токму на име на ВМРО-ДПМНЕ согласно Законот за кривична постапка, тие имаат право да учествуваат во постапката и предлагам за следната расправа биде повикан и нивен претставник – рече обвинителката.

По одлагањето на рочиштето, Ристоска не сакаше да коментира пред камерите и им посочи на новинарите да се обратат во прес-службата.

Обвинението за случајот Талир 2 го покрена СЈО, а откако редовното обвинителство ги презема предметите, овој го делегираше во ОЈО Скопје. Републичкиот обвинител Љубомир Јовески за обвинителка ја назначи Ленче Ристоска која по прекинот на мандстот во СЈО се врати во скопското обвинителство.

Обвинети во овој случај за злоупотреба на службената положба обвинети се експремиерот Никола Груевски и поранешниот генерален секретар на Владата, Кирил Божиновски.

Според обвинението, двајцата овозможиле правното лице ДГ„Бетон“ АД Скопје да го изгради седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, иако истата фирма во исто време имала склучено договори за јавни набавки со државни органи и јавни установи или претпријатија.

Тоа според обвинитителството, е спротивно на Законот за политички партии, Законот за финансирање на политички партии и Законот за облигациони односи.

Во Основниот кривичен суд во Скопје тече уште еден судски процес „Талир“, кој, пак, се однесува на незаконско финансирање на партијата.

И со ова обвинението се опфатени Никола Груевски и Кирил Божиновски, но и ексминистерот за транспорт и врски Миле Јанакиески кои се товарат за злоупотреба на службенатта положба и овластувања и перење пари, како и Илија Димовски, Леко Ристоски и ВМРО-ДПМНЕ како правен субјект, кои се товарат само за перење пари.

На листата обвинети првично се најде и Елизабета Чингаровска, но на неа не ѝ се суди бидејќи се спогоди со СЈО, призна вина и доби условна казна затвор од две години која нема да се изврши ако во наредните пет години не направи друго кривично дело.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...