Дефиницијата за вас е донесена и е прејасна.
Ова е и ќе биде во иднина, криминогена, коруптивна и клиентелистичка демократура.
И нека се лаже народ со оваа европска и мултиетничка нарација. Не дека поединци од влада не веруваат во неа, или не ја разбираат, ама клучна е конјуктурата, дека тоа на Западот му одговара и вие јахате на таа карта.
Но, кога сме кај вистинските промени дома, кај вистинскиот етос, кај вистинското постоење на европски, критички и самосвесни граѓани кои се инволвираат политички, имаат став, или делуваат како ваш коректор, ете како се паѓа во вода и целиот ваш конструкт се растура, и излага вистинското лице. Вие секогаш ќе имате демек виши цели и оправдувања, за вашето тотално освојување на секој аспект и поединец од ова општество, и за вашето селективно спроведување на правдата, била правна или социјална, реформите, искористување на бенефиции и злоупотреби.
Ристиќ и сличните ви се проблем, вам и на вашите служби, полицајци или багеристи. Секому кому сте делегирале сила, реагира шизофренично и насилно, затоа што не е дел од вашиот параван, него е спроведувач на вашата реална моќ. Вас ве дестабилизираат и вадат од колосек, мали групи на свесни и посветени граѓани, и тоа е добро, ве разголуваат најдобрите во општеството, оние без претензија да бидат најдобри, едноставно што се такви, по човечност и благост, затоа што ја покажуваат сета ваша неспособност, ја откриваат превработеноста, непотизмот во институциите, суетата на партискиот чиновник кој не може да поднесе да биде јавно посочен како полтрон, и посрамотен за својата некомпетентост и недостаток на свест, па некаде и некому реагирал.
Би можел до утре, ама нема поента. Вашите апологети и заслепениот народ нема да имаат разбирање, вие уште помалку, едноставно како што реков, ова е чист идиотизам, и со него нема расправање.