Шефот на дипломатијата Никола Димитров, на првиот ден од посетата на Вашингтон, оствари средби со помошник државниот секретар Филип Рикер, како и со конгресменот Брендан Бојл, на кои беше изразено задоволство од придружувањето на Северна Македонија во Алијансата.
Како што соопшти МНР, соговорниците на Димитров покажале особен интерес за темпото и длабочината на реформскиот процес, како предуслов за општество засновано на вистински демократски вредности.
– Со нетрпение ве очекуваме во НАТО. Реформите, особено во однос на Специјалното јавно обвинителство се императив и неопходно е да се зачува независноста на СЈО во рамките на Јавното обвинителство и неговиот капацитет, во интерес на правдата и одговорноста за корупција – му порача помошник-државниот секретар на САД Рикер, на министерот Димитров.
Рикер, осврнувајќи се на состојбата на балканскиот простор потенцирал оти е неопходно државите најпрво внатрешно да се преобразат и да изградат капацитет за систем заснован на правда и вредности.
На иста линија, како што додава МНР, беше и дискусијата со конгресменот Бојл, кој го посочи Договорот од Преспа како соодветен пример за надминување на конфликтни ситуации, не само во нашиот регион туку и пошироко.
Димитров искажа благодарност за покажаната поддршка од страна на Конгресот, и очекување дека САД, како наш докажан партнер, без застој ќе го ратификува Протоколот за полноправно членство во НАТО.
Министерството, во соопштението додава дека на линија со традиционално добрите односи со нашиот сосед Албанија, Димитров и шефот на албанската дипломатија Гент Цакај, кој исто така е во Вашингтон ја потпишаа Спогодбата за основање Културно-информативни центри во Северна Македонија и во Албанија.
Честитајќи му на својот колега десетгодишнина членство во Алијансата, министерот Димитров уште еднаш потенцираше дека регионот може да биде просперитетен само ако сите негови држави се успешни приказни.
Шефот на дипломатијата на првиот ден од посетата на Вашингтон, даде интервју за NATO SHAPE, во кое се осврна на прашањето како изгледа Северноатлантската алијанса од перспектива на Република Северна Македонија – триесеттата НАТО членка. Тој беше интервјуиран и за специјализираниот Магазин „Надворешна политика“ (Foreign Policy).
Денеска министерот Димитров ќе присуствува на обраќањето на Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.