Рикер искрено разговарал со Мицкоски, не очекува игри

1360

Имавме искрен и отворен разговор со лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски и со претставници на партијата во кој ги повторив истите пораки како и утрово. Се надевам на позитивен исчекор кога станува збор за владеењето на правото, СЈО и за Јавното обвинителство, бидејќи тоа е многу важно за европската перспектива на Северна Македонија, изјави вршителот на должност помошник државен секретар на САД Филип Рикер по едночасовната средба со претседателот на ВМРО-ДПМНЕ одржана во седиштето на партијата.

– САД ќе продолжат силно да ја поддржуваат Северна Македонија во отворањето пристапни преговори со ЕУ. Ние ќе продолжиме да ве поддржуваме, но останува на политичките чинители во земјава да постапат правилно, да не играат игри, конструктивно да соработуваат заради иднината на земјата – додаде Рикер.

По средбата ВМРО-ДПМНЕ соопшти дека се разговарало за потенцијалот за развој на меѓусебните односи, актуелната политичка состојба и реформските процеси важни за државата.

„Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски ги објасни деталите и аспектите на предлог законот за организирање на обвинителството кој го предлага ВМРО-ДПМНЕ и важноста за бескомпромисна борба против корупцијата и криминалот од секаков тип“, соопшти ВМРО-ДПМНЕ.

На агендата на високиот американски дипломат со претседателот на Собранието Талат Џафери, по што е предвидена и средба со пратениците од Независната пратеничка група од ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата „За подобра Македонија“.

Последна според најавите е средбата со претседателот на државата Стево Пендаровски.

Претходно, Рикер имаше средби со премиерот Зоран Заев и шефот на дипломатијата Никола Димитров, а се сретна и со лидерот на ДУИ Али Ахметив во седиштето на партијата во Тетово.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...