Јасни и прецизни пораки испрати в.д. помошникот државен секретар на САД, Филип Рикер, од заедничката прес-конференција со премиерот Зоран Заев.
Најостри пораки тој испрати кон опозицијата.
– Се радувам на можноста да се сретнам со опозицијата. Како и во секоја демократија, улогата на опозицијата е клучна, но таа опозиција мора да биде конструктивна, а времето за политички игри и играње со перспективите на граѓаните е минато. Време е да се придвижат работите – рече Рикер кој порача дека Законот за јавно обвинителство е клучен во целиот процес.
– Слушам од пријатели во Северна Македонија и редовно ги читам вестите и социјалните медиуми. Ова е нешто кое граѓаните сакаат да го видат решено и времето да се задржува ова од опозицијата треба да заврши. САД сакаат да работат со сите политички партии, но за да го направиме то, мора да видиме разумни напори, а законот за СЈО мора да се придвижи. Неговото усвојување сега ќе значи дека нема да биде веќе проблем и ЕУ ќе може да ги отвори пристапните преговори наесен, тоа е покажано од сојузниците во Унијата и затоа ја поттикнувам опозицијата да се придвижи за да има поблескава иднина – рече Рикер.
Тој порача оти истрагите мора да бидат транспарентни, дека владеењето на правото е од исклучителна важност и никој не над законот.
Тој го спомена и Преспанскиот договор за кој рече оти останува модел за храбри решенија и способност да се придвижиме кон светла иднина, а како еден од бенефитите ја посочи економијата.
– Економскиот раст што го гледаме и интересите од американските бизниси се инспиративни и мило ми што може да се видат – рече Рикер додавајќи дека се радува на Самитот на НАТО во Лондон во декември каде земјава ќе стане 30. членка на Алијансата.
– Овде доаѓам директно од Грција каде се сретнав со голем дел од новата владата која токму изминатите недели го почна својот мандат. Испиративно е да се види толку беспрекорна транзиција од старата во новата влада – рече Рикер, посочувајќи дека и таму и во сите земји опозицијата мора да одигра витална улога за иднината на државите.