Дванаесет членови на риболовната репрезентација на Македонија од први до деветти септември учествуваат на Светското првенство во риболов на пливка што се одржува во Нови Сад, Република Србија.
Селектор на репрезентацијата е Емил Додевски од кривопаланечкиот спортско-риболовен клуб „Мрена”, од каде има уште еден натпреварувач.
– Првенството се одржува на Новосадски канал, а учествуваат педесеттина екипи од сите континенти. Нашата репрезентација ја претставуваат дванаесет члена, покрај мене како селектор, помошник тренер, натпреварувачи, резерва натпреварувач, делегат од Македонската риболовна федерација, Горан Тонев и логистички тим од три лица.Од понеделник до денеска се одржуваа подготвителни тренинзи, на различни реони и зони, со опробување на различни јадици, храни, како подготовка, утре ќе се одржи предвидениот главен тренинг, додека во сабота и недела ќе се реализира главното натпреварување – информира селекторот Емил Додевски.
Натпреварите ќе се одржат во сабота и недела, 7 и 8 септември, по што следува сумурање на резултати и прогласување на најдобрите.
Македонска риболовна репрезентација „Пливка“ традиционално учествува на големите официјални првенства во риболов, а годинашното Светско првенство во Нови Сад е 66-то по ред.