Решавај ти Европо за датумот, важно ние да си донесеме закон за дроги – и тоа со европско знаменце!

Во клучните моменти на одлука за датумот за преговори со ЕУ, нашата влада испраќа порака до европските лидери дека во овој момент за нас лекот за пропаднатиот бизнис со канабисот е „европски“ приоритет број еден. Другарчиња, глупи ли сте природно или некој ве заебава?

12968

Ја знаете онаа народната – село гори, баба се чешла? Е нашава баба баш и не се чешла, туку се занимава со сериозен бизнис, кој не трпи одлагање и во овие судбоносни мигови за нашата татковина.

Синоќа во Собранието на Република Северна Македонија од Владата на Република Северна Македонија стасал нов предлог-закон. Ако се има предвид фактот дека вниманието на целата јавност сега е насочено кон Европа, кон посакуваната одлука за датум за почеток на преговорите со ЕУ, човек би помислил дека работава мора да е многу итна, а темата претерано важна, штом владата на Заев ноќум испраќа некаков предлог-закон.

И тоа не било каков, туку – со европско знаменце!

А еве што било итното. Насловото на документот е Предлог-закон за контрола на опојни доги и психотропни супстанци! Владини претставници што ќе го бранат законот се министерот за здравство Венко Филипче и неговиот заменик Асим Муса. Овој вториов е оној фраерот со поткупот, што поднесе оставка. Јака одбрана! Сицилијанска…

И што е толку итно да се озаконува и да се брани? Што донесува предлог-законот? Веројатно многу паметни нешта, но суштината е да се спаси бизнисот со марихуаната, откако другарињата сфатија дека со маслото од канабис не им оди баш најдобро. Да не речам, ни за подмачкување. Ако сум добро известен, идејата е сега канабисот да се продавал во цвет. Можеби така ги подучил Биг Мајк. Кој да ги знае…

Како и да е, на сета мака, на сиот овој стрес пред одлуката од која зависи иднината на оваа влада, а можеби и иднината на Македонија, некој нашол волја и време да се занимава со проблемот на дрогата и канабисот. Замислете, какво е тоа неверојатно чувство на приоритети!

И пак да потсетам – предлогот е пуштен со европско знаменце. Во клучните мигови на одлука за датумот за преговори, кога не се знае дали ќе нѐ биде или не, нашата влада испраќа порака до европските лидери дека во овој момент, за нас, лекот за пропаднатиот бизнис со канабисот е „европски“ приоритет број еден!

Другарчиња, глупи ли сте природно или некој ве заебава?

А кој знае, можеби ионака утре или задутре некои луѓе ќе можат да се смират само ако свиткаат по еден џоинт. Од радост или од тага, сеедно. А ако мора, барем нека биде легално.

ПС. Неофицијално дознавам дека има луѓе во Собранието, од владејачкото мнозинство, кои се со намера законот итно да го вратат во Владата. Со индигнација. Јас би додал и една сочна пцовка во пропратното писмо.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...