Реформаторите на правосудството оценуваат дека судовите се поефикасни

Првиот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) е усвоен денеска.

388
Првиот годишен извештај за имплементација на Стратегијата за реформа на правосудниот сектор (2017-2022) е усвоен денеска на седница на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата што се одржа во Владата, која ја водеше министерката за правда Рената Дескоска.
Како што соопштија од владината прес-служба, Извештајот е презентиран од претставник на Министерството за правда и тој покажува преглед и степен на реализација на досегашните достигнувања во реформата на правосудниот сектор предвидени со Акцискиот план на Стратегијата. Извештајот е со фокус на досега донесените законски решенија и постигнатото зголемување на ефикасноста на судовите и подобрување на правосудството.

На седницата било констатирано, дека Извештајот ги следи стратешките цели на реформите во овој сектор и ги опфаќа мерките и активностите кои ќе се реализираат во предвидениот рок, со вклучување на сите институции во правосудниот систем.

Пред членовите на Советот за следење на имплементацијата на Стратегијата за реформи на правосудниот сектор, била претставена и Анализата на судската мрежа во Република Македонија.

„Во врска со Анализата на судската мрежа во Република Македонија беше заклучено дека подетално ќе се разгледува и на една од наредните седници, од каде ќе произлезе потребата за понатамошни анализи или креирање политики“, се наведува во соопштението.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...