Со објавувањето на можниот договор граѓаните ќе ги имаат сите информации и ќе знаат како да одлучат и покрај сегашната резервираност во однос на условот ерга омнес, рече премиерот Зоран Заев во дебата на тв Телма.
– Граѓаните ќе ги знаат сите детали дека договорот е фер и го јакне нашиот идентитет и нашето достоинство. Ги повикувам и опозицијата и Иванов и јас сум подготвен да ја преземам целата одговорност. Треба да гледаме напред, со чисти очи за фер и коректното решение. Ако сме сите за НАТО и ЕУ, тогаш секој одговорно треба да се постави според позициите што ги има. Вредно е за перспективите за Македонија да застанеме заедно. Мораме чесно е да ги кажеме нашите ставови, а опозицијата има право да покаже резерви. Но, следува референдум. По ратификацијата на договорот во Собранието, Грција испраќа писмо до ЕУ и НАТО, по што следува референдум – рече Заев.
Според него, референдум би имало кон крајот на септември или во почетокот на октомври. Тој додаде дека тој термин е соодветен за да се завршат сите процеси до крајот на година.
– Во мај 2019 се избори во ЕУ. Во вакви околности не би оставил 2019-та да биде година на договор – истакна Заев.