Референдумска 2018 година на македонската европска иднина

Иако е тешко да се дефинираат противниците на референдумот, имам чувство дека главно тоа се недоволно информирани луѓе, луѓе разочарани од политиката, луѓе кои не гледаат оптимистички на животот, луѓе без визија, некои се оптоварени националисти или конформисти, кои вон сопствениот двор не гледаат ништо.

1858

Во животот научив дека настаните ги делат епохите пред и по некој историски граничник. За мојот дедо постоеше епохата пред и по Втората светска војна. За моите родители историјата на Скопје се делеше пред и по катастрофалниот земјотрес од 1963-та година. Секако не можеме а да не ја споменеме поновата историја на нашата татковина, пред и по стекувањето на независноста во 1991-ва и тоа со демократската алатка – Референдум. За голем број скопјани, особено за оние со вистински естетски вкус, душата на нашето Скопје се дели пред и по карикатурата наречена „Скопје 2014“. А сега еве набргу и историјата на Република Македонија ќе се разграничува на Македонија пред и по Референдумот за Договорот со Грција.

Веројатно во 21-от век, овој Референдум ќе ја утврди насоката на европска Македонија кон големото и одбрано европско семејство. Ќе ја утврди и судбината за стабилна и безбедна Македонија со членството во НАТО. Ќе се отворат перспективите за побрз економски, социјален, културен развој. Конечно ќе добиеме статус на држава која независно што според територијата и жителите припаѓа во малите држави, сепак ќе стане привлечна благодарение на своите ретки убавини, занаети, фолклор, љубезност, творечки капацитет, необична средновековна архитектура, фресковно ѕидно сликарство.

Наместо на компјутер, антиреферендумците како да пишуваат на машини за куцање

Како претставник на помладата генерација, како граѓанин роден во градот на светлоста Париз, град кој ми е најдраг веднаш по Скопје, извор на инспирации и на култура која ме научи да размислувам демократски и критички, ми се наметнаа неколку прашања и дилеми кои произлегуваат од нелогичните говори и надреалистични коментари на противниците на Референдумот. Секако тоа е демократски, но во нашиот случај, токму ние треба да се изјасниме, дали сме за вистинска парламентарна демократија и владеење на правото или сме за некоја азиска политика, без ЕУ и НАТО. Имам импресија како да пишуваат на механички машини од минатото наместо на компјутери: Кои се тие наши сограѓани што се против Референдумот? Зошто тоа го прават? Какви објаснувања ќе дадат пред јавното мислење? Да одиме по ред:

Фрапиран сум од смешните говори на некои политичари и политичарки кога се спротивставуваат на Референдумот со излитени аргументи од минатиот век во стилот: „Мора да ја одбраниме Македонија“, „Не смееме да ја продадеме како што тоа го прават предавниците“ (тука се мисли на сите оние што го поддржуваат референдумот), „Со Договорот го губиме идентитетот наш библиски“.

Ако внимателно ги следите нивните говори ќе почувствувате празнина на нивниот дискурс. Тоа ме потсетува на моето детство и оние цртани филмови на бесконечни ленти кои траеја долго и ни ги пуштаа само за да бидеме мирни, без логика и стил. Во политиката пак најголема слабост е кога вашиот говор нема штоф, нема мистерија, нема политички опиум, нема сатира, нема префинетост, туку само фалење и воздигнување на македонштината и критика на оние што мислат европски, исто како возилото кое беспомошно вергла а никако да тргне. Наместо „европски дискурси“ ни пласираат „воневропски популизми“.

Токму со противењето кон Референдумот го ризикуваме идентитетот

Мене најмногу ме разочаруваат дел од младите кои под притисок на некаков лажен патриотизам и нивните ментори, се сликаат пред билборди на кои пишува на англиски „Нашето име е Македонија“. Патем на англиски и на француски, на сите настани нашето име не е напишано како Македонија туку како „FYROM“ или „АRYM“ , односно „ПЈРМ“. Во кафулињата, дел од оние познаници што се блиски до ВМРО-ДПМНЕ, кога им поставувам прашање, дали ќе гласаат за договорот и за ЕУ и НАТО, мудро молчат и ја менуваат темата со критики кон Заев. Многу од нив биле на Запад, ги увиделе сите предности на Европа, се кладат на европските фудбалски натпревари, некои летувале и во Шпанија и во Италија, но дали од страв не се изјаснуваат. Сепак, има девојки и момци кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ и кои се решени да гласаат за договорот. Сепак, за нив многу битно ќе биде каква ќе биде пораката на лидерот на десницата во однос на Референдумот. Една моја другарка вели: „Доволно е Мицкоски да каже – гласајте според своето убедување и јас ќе гласам ‘За’ Договорот“.

Искрено Заев и екипата избоксуваа поволен Договор кој не го нарушува нашиот идентитет. Тешко е да се верува дека некоја следна грчка политичка гарнитура ќе прифати тоа што го прифати Ципрас. Затоа сметам дека со противењето кон Договорот и Референдумот, може да му наштетиме на нашиот идентитет.

Кој ќе ја поднесе одговорноста во случај на неуспех?

Има еден слој луѓе и во урбаните средини и во помалите места, луѓе кои се разочарани од политиката, ситни трговци и продавачи на пазарите, по некој таксист, земјоделци, повратници од странство, кои се апсолутно против Референдумот и Договорот со Грција. Летоска зборував со многу такви луѓе и во Охрид и Велестово и во Валандово и во Гевгелија. Тие сметаат дека Македонија нема иднина, имаат песимистички пристап. Дури не ги интересира и запенавеноста и евтините приказни на антиреферендумските политичари.

Еден занаетчија од Гевгелија ми вели: „Што ќе ни е Европа. Ние Европа си ја имаме во Гевгелија“. Иако е тешко да се дефинираат противниците на Референдумот, имам чувство дека главно тоа се недоволно информирани луѓе, луѓе разочарани од политиката, луѓе кои не гледаат оптимистички на животот, луѓе без визија, некои се оптоварени националисти или конформисти, кои вон сопствениот двор не гледаат ништо. Во оваа категорија би ги вброил и изманипулираните млади кадри во државата или оние од дијаспората, кои уживаат во нивниот Запад, но затоа не дозволуваат и Македонија да влезе во Западот.

И на крај, за одговорноста или поточно за неодговорноста на противниците на референдумот. Едноставно не можам да консумирам дека кога ви се нуди ЕУ и НАТО а вие сте во напнатиот Западен Балкан, вие сте во дилема или сте против тоа. Ајде за некои проруски ориентирани политичари можам и да разберам, но кога кампањата ја водат политичари кои ги сметате за современи мажи и жени, интелектуалци, професори, новинари, е тука сум беспомошен. Можеби токму таквиот стереотип балкански политичари бил оној аргумент кој ни го повторуваат повеќе европски интелектуалци: „Ние не можеме да го разбереме Балканот“.

Признавам и јас и многу други во РМ и вон РМ не можат да ја разберат ирационалноста и неодговорноста на овие луѓе. А што ако Референдумот не успее? Кој ќе ја понесе одговорноста? Тие ќе кажат „народот“. Да, но во историјата е огромен бројот на штетните политичари, кои по поразот се криеја зад тој ист народ.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...